Градоначалничката Арсовска се сретна со Роберт Скот Хајзлет, виш директор на НДИ (National Democratic Institute), Александра Цветковска, програмска директорка и тим лидерка на WoMen Lead проектот и Александра Димовска, програмска офицерка и координаторка на ID, информираат од град Скопје.
Арсовска и претставниците на НДИ разговараа и за остварувањето на женските права и за застапеноста на жените во институциите на системот, со што ќе се подигне свеста за рамноправност и интегрирање на жените во сите сфери на општествениот живот.
Во однос на проектите кои НДИ ги спроведува во нашата земја, директорот на НДИ Роберт Скот Хајзлет потенцираше дека организацијата остварува проекти во соработка со ОБСЕ, како и со неколку општини во државата. Главна цел на овие проекти е просперитетот и интеграцијата на жените во општествениот живот, како и професионалноста на административните кадри во општините и институциите, со цел подобрување и ефикасност на администрацијата.
На средбата се разговараше за тековните проекти на кои работи Градот Скопје за подобрување на условите на граѓаните во секој сегмент од секојдневното живеење.
Арсовска истакна дека соработката со НДИ во иднина може да претставува платформа од којашто градската администрација ќе може да се стекнува со нови искуства, коишто ќе придонесат за подобра организација и подобри резултати во работењето на Град Скопје.