Апсолутно е возможно да се почувствува визијата за модерно Скопје во првите 82 дена. Верувам дека е многу важно во следниот период да се покаже малку по активно лидерство, да се покаже и докаже дека гласот кој што граѓаните ќе го дадат на 17-ти октомври не бил залуден и дека навистина може во брз рок да се реализираат проекти, да се завршат и да се покажат резултати, истакна независната кандидатка за градоначалник, Данела Арсовска, во гостување во „Тема на денот” во централниот дневник на ТВ Сител.
Една од главните проектни активности во мојата програма е дека нема да има повеќе заборавени населби во градот Скопје, во овој момент автобусите таму многу ретко или воопшто не пристигаат, се чекаат со часови, и тоа е едно големо оптоварување и затоа е возможно остварување на проектот бесплатен јавен еколошки превоз за сите граѓани на Град Скопје, изјави таа.
Арсовска посочи, дека за реализацијата на решавање на проблемот со загадувањето и конечно да имаме чист воздух, тоа би се реализирало со комбинирана мерка која што произлезе од проектот за нови 250 еколошки автобуси, заедно со бесплатниот јавен превоз за скопјани.
Во делот на санација на дивите депонии во рок од 82 дена , кој што ги имаме над 100, ќе се пристапи со реализација за санација и таму ќе никнат нови паркови, посочи Арсовска.
Таа додаде дека за да имаме чист воздух потребно е реализација на проектот за гасификацијата која што континуирано скопјани го бараат, и тоа ќе им понуди по квалитетно решение не само за спас и заштита на здравјето туку и ќе ги намали нивните трошоци.
Верувам дека сите овие мерки ќе го дадат својот посакуван резултат кое што скопјани го бараат и им е потребно, заклучи Арсовска.