Австрискиот веб-сајт „Космо“ тврди дека ја лоцирал едната од двете жени кои се појавуваат на видео од Виена на кое се прикажани две жени со девојче која личи на исчезнатата Данка Илиќ.
Романката тврди дека на видеото не е Данка, туку нејзината ќерка, а „Космо“ наведува дека оваа најнова информација ја доставиле до австриската полиција.
– Што да кажам? Од недела сум во пеколот! Бев во Велс кога во текот на ноќта добив неколку пораки дека на сите социјални мрежи, на телевизиите во Романија и Србија се споделува видео со моја слика и дека ме бараат поради исчезнато дете. Во неделата веднаш отидов во полиција во Велс и побарав помош, но тие ме испратија дома и ме советуваа да се пријавам во полиција во Виена во мојот округ. Вчера отидов во полиција во 21 реон, побарав да ми помогнат и да ме заштитат, да го заштитат моето дете и мајка ми. Само што ме испратија дома. Денеска ситуацијата стана алармантна бидејќи моето лице беше лесно препознатливо во сите медиуми. Бев многу исплашена, не знаев што да правам, се плашев дека ќе останам без работа – изјавила А.Ц.С (36).
– Тоа низ што поминувам е страшно! Никој на светот не може да разбере каков кошмар е ова! Јас сум мајка, сочувствувам со детето од Србија и би сакала да го најдат. Но, она што го поминувам со мајка ми е исто толку страшно! Сега ми дојде полиција дома, им кажав се и на крајот ми се извинија за маките што ги претрпев. Ме замолија утре да дојдам кај нив да го потпишам протоколот. Сакам само оваа приказна да остане зад мене и да се обидам да ја заборавам, потенцира младата Романка за „Космо“.
Имено, таа наводно е романска државјанка која работи во Виена.