-Азар не е подготвен, нема да игра против Аталанта. Навистина не можам да објаснам за што станува збор, но се надевам дека е ситна повреда, изјави попладнево тренерот на Реал, Зинедин Зидан, на конференција за новинари во Мадрид.

Азар во неделата ги одигра завршните 15 минути на натпреварот против Елче во шпанската Ла Лига, по што поради мускулна повреда, повторно ќе отсуство од теренот. Неговиот клуб не прецизираше колку долго се очекува да трае рехабилитацијата.

-Нешто се случува. Тој никогаш во кариерата не се повредувал толку често. Сакаме да му помогнеме. Се надевам дека наскоро ќе биде со нас. Барам трпение од навивачите, бидејќи сите знаеме каков играч е Еден, додаде Зидан.

Азар дојде на „Сантијаго Бернабеу“ во 2019 година од Челзи за 100 милиони евра, но во екипата на Реал, засега, ги брои само повредите. Најновата повреда е деветта по ред за белгискиот репрезентативец. Азар досега во дресот на Реал одигра само 36 натпревари на кои постигна четири голови.