Досегашниот министер за здравство Азир Алиу денеска официјално му ја предаде функцијата на новоизбраниот министер Сашо Клековски. Алиу беше разрешен од позицијата во рамките на реконструкцијата на Владата, додека Клековски беше избран за негов наследник.

Разговарале за тековните проекти во здравството

За време на примопредавањето, двајцата разговарале за досегашните проекти, тековните процеси и активностите што во изминатиот период биле во фокусот на Министерството за здравство. Алиу изразил очекување започнатите системски процеси да продолжат, да се надградуваат и да станат уште посилни во служба на пациентите и здравствените работници.

Алиу му посака успешна работа на Клековски

Алиу порача дека во здравството никој не почнува од нула и дека секој министер има обврска да продолжи таму каде што институцијата стигнала. Тој нагласи дека во центарот на работата мора да останат интересите на пациентите и здравствените работници, а на Клековски му посака успешен мандат. Новиот министер беше избран заедно со уште седум нови членови на Владата, при што секој од нив доби по 69 гласа „за“, без гласови „против“ или „воздржани“.