Американскиот претседател Џо Бајден денеска изјави дека сè уште работи со својот тим за да утврди дали треба да испрати висок член на неговата администрација во Украина.

Тоа би било потенцијално драматично покажување на поддршка за нацијата, нападната од Русија.

„Таа одлука ја носиме сега“, рече Бајден на прашањето дали ќе испрати висок функционер во Украина. Запрашан кого ќе го испрати, Бајден му се одговори со прашање на новинарот и рече: „Подготвен си да одиш?“

Белата куќа ги повтори коментарите на Бајден, велејќи дека „сè уште сме во дискусии, одлучуваме за ова“.

„Како што знаете, очигледно ние сме во контакт со украинската влада секој ден – прилично редовно и затоа едноставно немам што да прегледувам понатаму“, им рече главниот заменик-секретар за печат, Карин Жан-Пјер на новинарите во Air Force One кога била прашана за дополнителни информации.

Откако руските сили се повлекоа од регионот околу Киев, голем број западни лидери тргнаа кон главниот град на Украина за да покажат поддршка.

Американските власти одржуваат прелиминарни дискусии за испраќање на висок член на администрацијата во Украина, според извор запознаен со разговорите.

Додека Бајден и потпретседателката Камала Харис веројатно нема да го посетат Киев во скоро време, официјални лица разговарале за испраќање на секретарот за одбрана Лојд Остин или државниот секретар Ентони Блинкен.

Сепак, изворите велат дека одлуката е далеку од финализирана и посетата на крајот можеби нема да се реализира.

Британскиот премиер Борис Џонсон минатиот викенд беше во ненадејна посета на Киев. Американските власти рекоа дека Бајден во моментов не планира такво патување.

„Во моментов не планираме патување на претседателот на Соединетите Држави во Украина“, изјави во понеделникот секретарот за печат Џен Псаки. Таа рече дека поважно од претседателската посета е континуираното снабдување со оружје и поддршка.

„Она што е најважно за украинското раководство е да го забрзаме дотурот на оружјето и да им ја дадеме потребната помош и безбедносните системи и на тоа е нашиот фокус“, рече таа.

Вчера во телефонскиот разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски, Бајден го информирал својот колега за новиот пакет безбедносна помош од 800 милиони долари, вклучувајќи 11 хеликоптери Ми-17, 300 дронови Switchblade, 18 хаубици и заштитна опрема за заштита од хемиски напади, објави Си-Ен-Ен.