Американскиот претседател Џо Бајден денеска нагласи дека во САД додека тој ги води, абортусот нема да биде забранет и потпиша извршна наредба за заштита на абортусот, пристап до абортус и контрацепција, jaвува МИА.
Бајден ја потпиша наредбата речиси две недели откако Врховниот суд ја укина пресудата Роу против Вејд од 1973 година, која го гарантираше уставното право на абортус во САД.
Одлуката на судот и овозможи на секоја американска држава сега сама да одлучи дали и под кои услови ќе дозволи абортуси.
Наредбата вклучува мерки за заштита на пристапот до лекови и контрацептивни средства за абортус, заштита од казнување за жените кои мора да патуваат од една американска држава во друга поради абортуси и чекори за заштита на приватноста.
Според наредбата на Бајден, државниот обвинител на САД и правниот советник на Белата куќа ќе се сретнат со приватни адвокати и организации од јавен интерес за да промовираат правно застапување за оние кои бараат или нудат услуги за репродуктивно здравје.
По одлуката на Врховниот суд, најмалку девет американски сојузни држави воведоа речиси целосна забрана за абортус. Единствен исклучок е опасност по животот на мајката.