МВР поднесе кривична пријава
Министерството за внатрешни работи поднело кривична пријава за сторено кривично дело „попречување на правдата“. За Бектеши ова е политички прогон, а за неговата партија ДУИ ова е лов на политички вештерки.
Притисоци за време на изборите
Поранешниот министер за економија Крешник Бектеши доби кривична пријава, се сомничи за сторено кривично дело „попречување на правдата“. Според МВР вршел притисок врз началникот во СВР Охрид за време на изборите. На денот на изборниот молк праќал командувачки пораки.
МВР ги објави деталите во дневен билтен
Министерството за внатрешни работи ја објави оваа информација во дневниот билтен на 25 јули без да прецизира дека станува збор за поранешен висок функционер.
„На 7 мај, пријавениот од својот мобилен телефон преку мобилна апликација испратил порака на полициски началник во СВР Охрид со која коментирал преземање на законски полициски мерки и истражни дејствија поврзани со кривично дело по член 149 од Кривичниот законик и член 190 став 2 од Изборниот законик. Тој практично е обвинет за сериозно дело со минимална казна од една година затвор и максимална која може да достигне до доживотен затвор во случај на сериозни последици“, вели Стефан Димоски портпарол на СВР Охрид.
Бектеши ова го опиша како политички прогон
За поранешниот министер Бектеши ова е политички прогон, Тој на својот официјален Фејсбук профил напиша дека на 7 мај во својство на координатор на Европскиот фронт во ИЕ 5 добил информација од штабот на Европскиот фронт во Охрид дека на денот на изборниот молк полицијата го проверувала шефот на кабинетот и членовите на штабот. Имајќи предвид дека должноста на началникот на СВР е да обезбеди фер и демократски избори, вели му напишал порака.
ДУИ со реакција
Реакција пристигна од ДУИ. Демократската унија за интеграција го осуди овој потег на МВР нарекувајќи го „лов на политички вештерки“.
Според ДУИ ова е уште едно неосновано обвинение во низата неосновани обвинувања и закани со цел дискредитација на нивната партија.
Изминатиов месец, покрај секојдневните лажни клевети, се соочивме со бројни закани по животите на нашите пратеници и партиски експоненти. Овие постапки се јасни обиди на власта да го оттргне вниманието на јавноста од нејзините катастрофални неуспеси и да го заплаши албанскиот граѓанин, кој со право е огорчен од деградација на оваа влада, стои во реакцијата на ДУИ.
Бектеши може да заврши во затвор
Три и пол месеци по настанот МВР поднесе кривична пријава за Бектеши за ова тешко дело за кое според законот минимална казна од 1 година затвор.