Не би било фер основните прехранбени производи исто да се даночат со луксузни производи и токму таква е намерата на Владата што сакаме да ја спроведеме како политика, порача денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Нагласи дека министерствата за економија, за финансии, за земјоделство, шумарство и водостопанство и Кабинетот на премиерот веќе работат на листата на производите што ќе се оданочуваат со 10 наместо како досега со 5 отсто ДДВ и дека таа ќе биде јавно презентирана. Ќе може да се даде и инпут во делот на нејзиното формирање.

Пред да биде објавена конечната листа, ќе се направи консултација со стопанските комори, граѓанските здруженија и сите засегнати страни. Мислам дека ќе ја направиме најдобрата листа што ќе биде во интерес на мнозинството на граѓани во нашата држава имајќи го предвид стандардот на живеење – рече Бектеши во одговор на новинарско прашање пред почетокот на одбележувањето на јубилејот „90 години Занаетчиска комора Скопје”.

Посочи дека поголем дел од членовите на Владата се да се воведе дополнителен данок на добивка за оние дејности кои и во време на енергетска криза и пандемија направиле дополнителни профити.

Средствата од дополнителното оданочување на ваквите компании преку различни мерки ќе бидат трансферирани кон граѓаните, особено кон оние кои имаат пониски приходи. Стојам зад тоа особено за енергетските и фармацевтските дејности, осигурителни компании, а да не зборувам за обложувалниците и казината – рече Бектеши.