Апелациониот суд потврди решенија за притвор по трагедијата во Кочани
Завршени се сите постапки по поднесените жалби на решенијата за притвор во рамки на истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Ова го објави Апелациониот суд во Штип. Од вкупно осум разгледани жалби, судот одби седум како неосновани. Вклучително и онаа на К.Б., со што решението за негов притвор останува на сила.
Семејствата на загинатите од Кочани маршираа за правда: Ни ги убивте децата и животот во нас
Единствена промена – куќен притвор за едно лице
Според судот, само во еден случај е донесена поинаква одлука. Жалбата на обвинетиот Е.М. е уважена, со што првичната мерка притвор е заменета со куќен притвор. Дополнително, му се определени и мерки на претпазливост.
Жалбите на останатите осомничени одбиени
Апелациониот суд потврди дека жалбите поднесени од Н.И., Р.Ч.Д., М.С., Б.Х., М.Ѓ. и Р.Д. се одбиени, па остануваат во сила изречените мерки, вклучувајќи и куќен притвор или притвор. Со оваа одлука, останува на сила определениот притвор за повеќето од осомничените во случајот.
Истражната постапка опфаќа 71 осомничен
Истрагата за пожарот што се случи на 16 март 2025 година, а при кој животот го загубија 62 лица, опфаќа вкупно 68 физички и 3 правни лица. Апелациониот суд соопшти дека примил вкупно 17 жалби – три во петокот и уште 14 во текот на вчерашниот ден – сите поврзани со изречените мерки на обезбедување: притвор, куќен притвор и мерки на претпазливост.
Обвинителството води обемна истрага
Случајот „Пулс“ се води како еден од најтрагичните инциденти во поновата историја на Македонија. Обвинителството истражува повеќе аспекти поврзани со безбедносните пропусти, незаконитите постапки во работењето на објектот и евентуалната одговорност на службени лица и сопственици.
Извор: Курир