Министерот за економија Крешник Бектеши утре попладне до Владата ќе достави барање за прогласување на енергетска кризна состојба. Во емисијата Економски Магазин на Алсат која ќе се емитува вечерва во 22 часот министерот уверува и дека рестрикции со струја нема да има. Бектеши вели дека Владата ја следела состојбата и засега кризата е под контрола, објави Алсат. 

„Секој член на владата имал информации, имаме постојано средби со сите раководители на енергетските компании во Северна Македонија, но важно е да се истакне фактот и на граѓаните да им биде јасно дека рестриктивни мерки во однос на снабдување со електрична енергија моментално не се предвидуваат иако што сме направиле измена во уредбата која предвидува прогласување на кризна состојба“, рече Крешник Бектеши министер за економија.

Бектеши вели дека минимално ќе се зголеми цената на електричната енергија, но претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски смета дека постои простор на компаниите од енергетскиот сектор да им бидат ограничени профитот и маржата, ставка од која најмногу зависи висината на сметките за струја на граѓаните.

„Факт е дека ни претстстои кризна година и каде има надворешни фактори кои влијаат на цената на електрична енергија и според мене и сите тие чинители што се и оператори на системи и производители и снабдувачи заеднички треба да го понесат тој товар“, рече Марко Бислимовски претседател на РКЕ.

Загубите во енергетиката во земјава се околу 150 милиони евра, проценува директорот на МЕПСО Куштрим Рамадани. Но со ова не се согласува Бислимовски и смета дека загубите се драстично пониски.

„Се работи за лошо менаџирање на водните ресурси, со ова имаме драстичен пад на производството на струја во земјава, исто така вклучувајќи ги проблемите сега, но и од порано во РЕК Битола во трите блока, каде имаме градуален пад на домашното производство од термална енергија“, рече Рамадани.

Со усогласената уредба со Законот за енергетика се предвидува Владата да трансферира буџетски средства за енергетските компании. А во овој момент владата располага со околу 100 милиони евра пари неискористени од ковид програмата и тие пари може да се трансферираат во овие компании.