-Интересот кај локалното население за користење на можноста бесплатно да се посетат локалитетите и музеите во Охрид сеуште на пониско ниво. Очекувањата се дека сепак има време кога ќе може да се искористи ваквата можност, која започна во месец октомври и веќе втор месец се спроведува во пракса. Целта е доближување на културното наследство до нашите посетители, пред сè до локалното население, вели директорот од НУ Завод и Музеј Мишко Тутковски.

Има посети и од странски гости на сите локалитети и музеи, но нивниот број е многу помал во однос на летната сезона. Во текот на летната сезона Музејот на вода во Градиште беше најпосетуван, додека веднаш по него Самуиловата тврдина.

-Бесплатниот влез кој ќе функционира надвор од туристичката сезона би рекол вродува со плод бидејќи голем дел од учениците од основните и средни училиште од Охрид го користат овој термин за учениците да направат разглед на нашите музеи особено на Куќата на Робевци, како една од најпосетените во овој случај, вели Тутковски.

Инаку, ваквата можност за бесплатен влез секој прв ден во месецот во музеите и локалитетите кои се под надлежност на НУ Завод и Музеј – Охрид, Самуилова тврдина, Галерија на икони, Куќата на Робевци, Куќата на Христо Узунов и Музејот на вода – Градиште ќе важи до мај 2022 година.