На средбата се разговарало за унапредување на билатералната одбранбена соработка меѓу Македонија и Албанија, која, како што стои во соопштението од кабинетот на Пендаровски, сега е на задоволително ниво, при што било изразено и очекување за јакнење на оваа соработка, преку отворен и конструктивен дијалог за прашањата од заемен интерес.

Во контекст на соработката во НАТО, како две полноправни членки и соседи, шефот на државата и министерот Пелеши, констатирале дека усогласувањето на ставовите меѓу двете држави е добро и изразиле очекување тоа да продолжи и во иднина.

На средбата станало збор и за актуелните состојби поврзани со европските интеграции на  Македонија и Албанија, а биле разменети мислења и информации за очекувањата во двете држави во пресрет на состаноците на Европската Унија до крајот на оваа година.

Претседателот Пендаровски и министерот Пелеши се осврнале и на соработката во рамки на регионалните иницијативи, во насока на промовирање и унапредување на регионалната стабилност и безбедност.