Министерството за внатрешни работи ја стави во функција веб апликацијата со мобилен интерфејс „Безбеден град“, наменета во оваа фаза за странски државјани.

Апликацијата е достапна за сопствениците и возачите на возила со странски регистарски таблички. Преку неа тие ќе можат директно да добијат информации за сообраќајните прекршоци регистрирани со системот „Безбеден град“.

Исто така, странските државјани ќе имаат увид во издадените прекршочни платни налози и можност глобите да ги подмират електронски.

При најавувањето во апликацијата, возачот треба да ја фотографира или скенира својата патна исправа. Потоа треба да ја внесе регистрацијата на возилото или возилата што ги користи во земјава.

На овој начин, странските возачи чии возила ќе бидат евидентирани при сторен сообраќаен прекршок на територијата на целата држава ќе можат навреме да добијат информации за прекршокот и да ја регулираат својата обврска.

Од МВР посочуваат дека со тоа се избегнува потребата од дополнително задржување на граничните премини поради регулирање на сообраќајните прекршоци.

Воведувањето на апликацијата е дел од процесот на дигитализација на услугите поврзани со системот „Безбеден град“. Министерството за внатрешни работи најавува и понатамошно унапредување на дигиталните услуги.

Во следните фази се предвидува проширување на функционалностите на апликацијата и за други категории корисници.

Апликацијата е достапна на: https://safecountry.mvr.gov.mk/