Во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, предводено од Артан Груби, со години работат 354 лица, додека годинава според предлог-буџетот оваа бројка може да се зголеми за 69, што значи дека ќе работат вкупно 423. Покрај нив, Министерството плаќа и дополнителна работна сила, пишува БИРН Македонија. 

„Само во текот на 2022 година, над 40 пати, преку двете авторски агенции „Артпик“ и „Лиценца МК 2000“ се плаќале различни вредности: од 22.000 денари до над 300.000 денари месечно за „други договорни услуги“, која е цифра со која најчесто се водат хонорарните ангажмани“, пишува „Призма“.

Во текстот со наслов „ Скриени хонорари во Министерството за Артан Груби“, БИРН пишува дека преку овие две агенции, голем број државни институции, министерства, Владата, но и државни агенции и претпријатија ангажираат дополнителни работници.

БИРН пресметал дека само по овој основ Министерството платило околу 160.000 евра за една година, поточно лани.

„На пример, на 9 март биле исплатени над 14.000 евра во три трансакции. Во декември биле исплатени и 12.000 евра во три трансакции. Три пати во јануари, четири пати во февруари, три пати во март…“, пишуваат од БИРН.

Во текстот пишува дека покрај ставката од буџетот за други договорни услуги, Министерството плаќало и за консултантски услуги. За тоа била ангажирана агенцијата „Д-М Консалтинг Груп“. За една година низ него „поминале“ вкупно 7.600 евра.

Од јавната евиденција на Министерството за финансии може да се види дека постои историја на ангажман на агенции преку Секретаријатот за спроведување на Охридскиот рамковен договор многу порано отколку што оваа институција беше трансформирана во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.

„Од 2016 година до денес преку агенцијата „МК 2000 лиценца“ се исплатени речиси 280.000 евра. На списокот за плаќање преку Секретаријатот е и агенцијата „Таг комуникации“. Ангажирана е само од 2015 година и под шифрата „друг договорен договор“ и биле исплатени авторски права во износ од 340.000 евра“, пишуваат од БИРН.

Од БИРН побарале копии од фактурите издадени од Министерството за оваа намена од Министерството со кое управува Артан Груби, но Министерството испратило речиси празни фактури.

Целата анализа можете да ја прочитате ТУКА.