„Седми ден дискутираме за оваа реконструкција на Влада. Не добивме одговор, втора недела македонската јавност е под знак прашање, се прашува, се дума зошто, што правиме, како правиме. Обично и година дена пред редовни парламентарни избори би требало Владата малку поголем мотор да вклучи од аспект на тоа да покаже некаков резултат и тој истиот резултат да го почувствуваат македонските граѓани. но, наместо тоа гледаме една бесмислена јас би рекла комплетно непотребна реконструкција која во суштина не нуди никаква промена“, истакна Иванка Василевска, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница.

Василевска додаде дека реконструкција на Влада би требало да се случи кога би имало некаков скандал, кога би имало некаква недоследност во македонското општество, кога ќе затаиле институциите. Но, јавноста гледа дека ниту има реакција на секојдневните скандали, ниту пак некој до сега во оваа владејачка гарнитура бил дисциплиниран, бил санкциониран поради тоа што ја злоупотребил својата службена должност.

„Јас сакам уште еднашка во интерес на јавноста да прашам и да отворам една дилема и отворено сите да се запрашаме помеѓу себе која е суштината со која што треба да се оправда оваа реконструкција на Владата. Единствената промена која што ја гледам ако е за некакви партиско политички анализи или френквенции, тоа е дека конечно после години повторно СДСМ застанува на челото на министерството за животна средина и просторно планирање“, заклучи пратеничката.

Таа посочи дека Демократската унија за интеграција малце ги отпушта прстите или можеби сигналот е дека се повлекува од онаа зелена најавена агенда.

„Десетина месеци пред техничка Влада доколку одиме на регуларни избори следната година, е премалку речиси ништо да се покаже било каков резултат“, рече Василевска.