Денеска во четвртиот натпревар сезонава во СЕХА Газпром лигата екипата на Вардар 1961 претрпе пораз од Партизан со 28:22. Освен ова, провокации имаше и на трибините, а Гробари, навивачите на Партизан навредливо скандираа „Стара Србија, никад Македонија“ и извадија парола против Гоце Делчев и Комити.
Скопските „црвено-црни“ водеа само на почетокот од натпреварот, со 0:1 и 1:2 по головите на Моралес, а потоа домаќините го контролираа резултатот до самиот крај на средбата. Србите имаа позитива од 6:2, а потоа и „плус пет“ од 13:8 во 22 минута по погодокот на Зечевиќ.
Составот на Владо Недановски се вратија со серија од пет голови за израмнување на 13:13, но Партизан замина на пауза со минимална предност од 15:14.
Актуелниот македонски шампион во вториот дел успеа да стигне до ново израмнување, Талески во 41 минута се погрижи за 18:18. Но, противникот кој имаше голема поддршка од своите навивачи на трибините, повторно стекна предност со низа погодоци за 21:18.
Се доближи Вардар до 21:19 по реализацијата на пивотот Аларов, а новата серија на голови на Партизан од 5:1 ги реши сите дилеми околу победникот на овој меч за 26:20 откако погоди Зечевиќ на нешто повеќе од четири минути до крајот на натпреварот.
Еден од најзаслужните за победата на Партизан беше голманот Трнавац кој запиша 20 одбрани. Кај неговите тимски колеги по осум пати во листата на стрелците се најдоа Зечевиќ и Петриќ. За Вардар прв стрелец беше Талески со девет голови, по три имаа Карапалевски и Чувара.
Откако го дочекаа Вардар во Белград со грчко знаме, навивачите на Партизан, Гробари уште повеќе ја испровоцираа цела Македонија, со паролата што ја истакнаа на вечерашниот меч, патем скандирајќи навредливо „Стара Србија, никад Македонија“.