Сериозен скандал го означува финишот на фудбалскиот шампионат во Летонија. Во последното коло од првенството на програмата требаше да биде пресметката помеѓу шампионот РФС и второпласираниот тим на Рига, клубот кој домашната јавност го памети по летошниот двомеч против Вардар.
Фудбалскиот клуб Рига преку официјално соопштение до јавноста потврди дека воопшто нема да отпатува на натпреварот и донесе одлука истиот да не го одигра.
Како клучна причина за ваквиот чекор од клубот ги наведуваат константните судиски грешки, неправди и малверзации што се случувале во текот на целиот шампионат, нагласувајќи дека бојкотот претставува директен протест против таквите состојби.
„Драги навивачи, доверливи пријатели и партнери на нашиот клуб! Фудбалскиот клуб „Рига“ ви се обраќа со длабоко почитување и искрено жалење. Донесовме исклучително тешка, но свесна и принципиелна одлука: нашиот тим нема да оди во финалниот натпревар од шампионатот против РФС“, соопшти раководството на Рига.
„Разбираме колку со нетрпение го очекувавте ова дерби и ни е исклучително жал што ви го ускратуваме ова фудбалско славење. Сепак, моменталната ситуација нè принудува да преземеме овој невиден чекор“, наведуваат од клубот.
„Овој натпревар повеќе нема првенствено или спортско значење, но главната причина лежи во длабоката криза на правдата со која се соочивме во текот на целата сезона. Во текот на целата година, сите во летонското фудбалско првенство беа сведоци како систематските и груби судиски грешки директно влијаеја на распределбата на местата на турнирската табела, искривувајќи ги темелите на фер борба“, стои во клупското соопштение.
„Покрај тоа, редовно беа евидентирани прекршувања на основните етички норми и принципите на фер-плеј , кои треба да бидат основа на секое спортско натпреварување“, додаваат од клубот.
„За жал, се соочивме со целосна рамнодушност и неподготвеност да се справиме со овие проблеми од страна на Летонската фудбалска федерација, и покрај фактот дека и ние и другите клубови од Премиер лигата постојано го привлекувавме вниманието на ЛФФ кон овие факти, и усно и писмено“, посочуваат од вицешампионот.
„Нашето молчење или учество во утрешниот натпревар би значело прифаќање на неправдата и легитимирање на процесите што го поткопуваат летонскиот фудбал“, образложуваат од клубот.
„Ви изразуваме најдлабоко извинување за фактот што нема да го видите тимот на теренот во недела. Нашиот клуб секогаш игра за вас, и токму за да ја заштитиме честа на клубот, неговата историја и вашата почит, сме принудени да заземеме овој цврст став и да ве замолиме да обрнете внимание на овој проблем и да барате решенија за во иднина!“, заклучуваат од ФК Рига.
