Преку националниот портал граѓаните побрзо ги добиваат потребните документи

Надлежните институции во Владата преку Националниот портал за електронски услуги uslugi.gov.mk им овозможија на граѓаните побрзо и поедноставно да ги добијат потребните документи, без чекање по шалтери, изјави денеска на прес-конференција Драгана Бојковска, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник.

Според неа, развојот на порталот се потврдува преку зголемениот број на поднесени барања и побарани електронски услуги.

„Надлежните во Владата, преку Националниот портал за електронски услуги uslugi.gov.mk им овозможија на граѓаните да имаат услуги без шалтери, и да можат потребните документи да ги добијат на брз начин без чекање по институции, а развојот на порталот се гледа преку бројот на поднесени барања и бројот на услуги побарани од страна на граѓаните“, рече Бојковска.

Таа додаде дека Владата работи на усогласување на домашното законодавство со европските регулативи и директиви, при што најави дека услугата „Роаминг како дома“ ќе биде достапна за македонските граѓани при патување во земјите од Европската Унија.

„Владата работи на усогласување на домашната законодавна рамка со европските регулативи и директиви па така „Роаминг како дома“, ќе биде достапен за македонските граѓани кои ќе патуваат во земјите од ЕУ, по цени како дома, и така ќе можат да користат интернет, повици и СМС“, изјави Бојковска.

Реформската агенда и дигиталната трансформација остануваат приоритет

Бојковска истакна дека спроведувањето на Реформската агенда останува еден од главните приоритети на Владата, посочувајќи дека во 2025 година бил донесен најголемиот пакет закони, а тој процес продолжува и годинава.

„Приоритет е Реформската агенда, а во рамки на истата донесен е најголем пакет на закони во 2025 година, а истата тенденција продолжува и годинава. Македонија и оваа година ќе биде лидер во регионот по спроведување на реформите, а ќе се донесат и останатите законски решенија кои се дел од Реформската агенда. Досега Македонија има добиено 31,7 милиони евра од Планот за раст во делот на дигиталната трансформација“, рече таа.

Според Бојковска, бројот на центрите за услуги е зголемен од пет во 2024 година на 16 годинава, со цел институциите да бидат подостапни за граѓаните.

Националниот центар „Везилка“ ќе го развива македонскиот јазик во вештачката интелигенција

Во своето обраќање Бојковска се осврна и на Националниот центар за вештачка интелигенција „Везилка“, за кој рече дека ќе има значајна улога во развојот на македонските јазични модели и заштитата на културното наследство.

„Дополнително, со Националниот центар за вештачка интелигенција „Везилка“, најзначајниот приоритет е јазикот и културата, системски развој на македонските јазични модели и дигитална заштита на културното наследство“, истакна Бојковска.

Таа додаде дека Владата, универзитетите и индустријата заеднички работат на изградба на национален систем за вештачка интелигенција и на вклучување на Македонија во европската мрежа на центри за оваа технологија.

„ВМРО-ДПМНЕ како за време на овие две години, така и во наредниот период ќе работи да им овозможи на граѓаните полесен пристап, што значи брзо добивање на лични документи, а воедно со тоа ќе им се намалуваат и трошоците, а во иднина доследно ќе работиме на развивање на дигитализацијата, и нејзино вклучување во сите области“, порача Бојковска.