Ново движење под името „Разговори за иднината“ беше промовирано во Скопје од дваесетина поранешни и еден сегашен функционер на СДСМ. Според нив, платформата треба да биде алтернатива на СДСМ и да ја реафирмира социјалдемократската идеја, за која сметаат дека не е добро артикулирана од партијата под водство на актуелниот лидер Венко Филипче.

Групата, предводена од поранешниот потпретседател на СДСМ Игор Ивановски, се претставува како ново движење – алтернатива на СДСМ. На настанот присуствувале поранешниот генерален секретар Никола Ќуркчиев, Емилијан Станковиќ, некогашните потпретседатели Андреј Петров и Гордан Георгиев, пратеничката Славјанка Петровска, која се бореше за претседателското место во СДСМ заедно со Венко Филипче, како и лидерката на Либерално демократската партија и пратеничка Моника Зајкова.

На собирот наречен „Разговори за иднината“ од јавните личности присуствувале и адвокатот Звонко Давидовиќ и политикологот Ненад Марковиќ.

Во соопштението по собирот, учесниците порачаа дека опозицискиот простор не се пополнува со нови партии, туку со идеолошка и вредносна (р)еволуција.

„На Македонија и е потребен нов општествен договор како основа за создавање широк опозициски потенцијал за промени. Прогресивната демократска јавност има потреба од суштинска, објективна дебата, која за да ја погоди целта мора да биде ослободена од вообичаената потреба за допадливост кон партиските авторитети”, се наведува во соопштението.

Во него беше нагласено и дека собирот, кој се одвиваше под наслов „Разговори за иднината во 12:05“, е нова демократска платформа за подигнување на нивото на општествената дебата.

„Времето на часовникот е симболична порака дека веќе е доцна, но не смееме да дозволиме да стане предоцна за Македонија”, велат учесниците.

Во неформални разговори, некои од учесниците на прашањето од ДВ дали се фракција на СДСМ рекле дека не се тоа, бидејќи не се дел од СДСМ, а и дека сегашниот статут на СДСМ не е доволно демократски за прогласување на фракција. Некои од учесниците сепак изјавиле за ДВ дека идејата е да го трансформираат СДСМ.

„Останувам во СДСМ, не си одам, целта на нашата нова платформа е да вршиме притисок во СДСМ”, изјави учесник кој сакаше да не биде именуван.

Исто така, неформално било речено дека собирот е поттикнат од лошата состојба во државата и можноста по шест месеци да се одржат вонредни избори, што според оваа група не е добар развој на настаните во земјата.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во првата реакција по настанот, за ДВ изјави:

„Ние знаеме што е ова. И знаеме зошто се прави”.

Тој додаде дека постои Фронтот за вистина и правда.

„Постои Фронтот за вистина и правда. Сѐ друго е фејк. Наместо да одат на таков собир, нека го отворат Фејсбук профилот на Латас, нека ја вклучат Алфа ТВ – таму имаат доволно „различно мислење“ кое секојдневно го труе народот со лаги, со измислени непријатели на Македонија, на идентитетот, јазикот и културата”, рече Филипче.

Филипче се осврна и на ЗНАМ како паралела на новата фракција во СДСМ и потенцира дека „сега, кога знаеме дека еднаш веќе беше направен еден „ЗНАМ“ од страна на Мицкоски и од група луѓе кои прво ја предадоа својата партија, а потоа и своите гласачи, и тоа служеше за да се претопат гласовите на опозицијата во гласови за Мицкоски и неговата банда – тогаш одењето на собир кој го организираат истите тие луѓе, не бара многу објаснување”.

Денешниот настан се одвиваше зад затворени врати под таканареченото правило Чатам, односно Chatham house rule, кое значи дека не смее да се наведуваат имиња на дискутантите, а смее да се открие содржината на нивните дискусии.

Ова правило вообичаено се применува за дискусии на чувствителни и контроверзни теми, иако најавените теми во поканата за собирот не може да се наречат такви. Темите за кои се разговараше се иднината на државата, владеењето на правото, но и како посебна точка беше наведена „состојбата со опозициското делување“, што укажува на амбицијата на групата да се промовира како алтернативна или водечка опозиција на политичката сцена.

На неколку медиуми кои дошле на настанот им било речено дека не може да присуствуваат ниту да снимаат, а било најавено соопштение по неговото завршување.

Првите реакции на политичките набљудувачи се индиферентност, додека поддржувачите и симпатизери на СДСМ на социјалните мрежи ја обвинија групата дека дејствува во корист на ВМРО-ДПМНЕ.