Првата пациентка од село во штипско беше дијагностицирана и почината во неколку часа, значи не можела да биде спасена, и да имаше лек кај нас. Второ, за вас многу значајно прашање кое многу често го слушам зошто нашата држава го немала овој лек и зошто наоѓаме лекови откако ќе се случат работите, вели директорката на Клиниката за инфективни болести, д-р Милена Стевановиќ, објави Макфакс.

– Ниту една држава нема ваков лек во залиха. Лекарите и организациите кои работат во решавање на големи или помали епидемии во подрачја на вакви трески, ги имаат и на ваков начин помагаат кога ќе се појават спорадични случаи како што е нашиот. Во комуникација со колегите инфектолози во целиот регион, веднаш после првата информација дека имаме инфекција на конгокримска треска, баравме консултации, баравме искуство и се разбира баравме лек, оној што е единствен назначен во препораките за третман, кажа Стевановиќ.

Како што соопшти директорката ниту една од земјите околу го немала лекот на располагање, ниту Косово, Албанија, Бугарија, Србија и покрај тоа што, како што наведува, многу почесто имаат случаи од нас.

– Досега не сме имале пациенти. Она што е многу значајно да се знае во смисла на неоправданата недоверба во здравствениот систем, што многу често се злоупотребува со различни цели. Значи, не поминаа 24 часа од дијагностиката, до комуникацијаат со целиот регион, со колегите и активацијата на системот на Министерството за здравство, кабинетот на министерот, во комуникација со СЗО, на највисоко државно ниво, комуникацијата со организацијата Лекари без граници, и пристигнувањето на лекот во нашата држава, за нешто помалку од 24 часа, вели таа.

Системот на акција-реакција бил реализиран во исклучително мал временски период, според директорката.

– Да се навратам на колешката вработена на Клиниката, таа е во стабилна состојба и влегува во фазата во која се очекува појава на крварење, таканаречена хеморагична фаза. Ноќеска првпат е забележано полесно вагинално крварење, но не е ништо масовно – се гледа само преку бришење со хартија. Сепак е сериозен знак кон кој ќе пристапиме. Ние пациентката ја гледаме „под лупа“, како со анализите, така и со клиничкото следење. Денешниот конзилиум на колегите од Инфективна клиника е одлучено и проценето дека веќе денеска треба да почнеме со лекот Рибавирин кој е донесен во нашата држава. Лекувањето е во тек со првата доза, вели Стевановиќ.

Во однос на прашањето дали требало порано, не требало порано, додава таа.

– Се држиме до искуствата на оние кои имаат најголем број прегледани и лекувани пациенти во светот, не само во регионот и локално ниво. Сметаме дека сме на добар пат и правиме исправно со секој следен потег. Рибавиринот е само еден сегмент од нејзиното лекување. Сериозно, континуирано давање на супституциска терапија, супортивна, симптоматска, е еден огромен дел од начинот и стратегијата на лекувањето на нашата пациентка, вели директорката на Инфективна.

„За жал, ниту искуствено, ниту напишано во медицинската литература и научни трудови преку кои ние ги искажуваме нашите клинички искуства, не е никаде посочено ниту преку процент изразено во колкав процент е преживувањето по третманот кај овие пациенти. Ниту еден колега ниту напишан труд не го кажува тоа. Целта е да се помогне да се надминат кризните моменти во развојот на болеста, и со се она што е на располагање како искуство да го спроведеме.

Рибавиринот е антивирусен лек, целта е да се спречи размножувањето на вирусот, да се намали неговата моќ. Овој лек ние порано сме го имале и сме лекувале хроничен хепатит Ц, како составен дел на терапијата со интерферони. Го немаме повеќе затоа што третманот на хепатит Ц веќе е комплетно променет.

Не станува збор за контраиндикации од лекот, станува збор за несакани ефекти. Би можел да има несакани ефекти, и заради тоа во нашето конзилијарно делување во лекувањето на пациентката е во континуитет вклучен и трансфузиолог и хематолог.

Сите колеги кои беа под медицински надзор, тоа не е изолација, колегите епидемиолози континуирано ги следат до завршување на 14тиот ден кој го предвидуваат како најдолг можен ризик“, се наведува во соопштението на директорката на Инфективна клиника.