Турските власти приведоа повеќе лица, меѓу кои новинари, академици и членови на левичарски групи, во рации низ неколку провинции, додека владата ги засилува безбедносните операции пред самитот на НАТО што оваа недела ќе се одржи во Анкара, јавува ДПА.
Рациите во Анкара, Истанбул и во неколку други провинции биле насочени кон левичарски и социјалистички партии, синдикати и групи на граѓанското општество, објавија опозициската телевизија Халк ТВ и весникот „Џумхуриет“.
Меѓу приведените се и двајца уредници од новинските портали Т24 и Ода ТВ, кои се критички настроени кон владата.
Турското здружение на новинари (TGC) и Здружението на прогресивни адвокати (CHD) на Икс побараа ослободување на приведените. Тие оценија дека апсењата ја нарушуваат слободата на печатот и ги нарекоа рациите обид за заплашување на опозициските гласови пред состанокот на НАТО.
Државната агенција Анадолија денеска објави дека полицијата привела 39 осомничени лица во рации низ осум провинции. Според агенцијата, операциите биле насочени кон младинското крило на забранетата левичарска група THKP/C-DEV YOL.
Во посебна операција во западната провинција Коџаели, полицијата привела уште 28 осомничени лица за кои се тврди дека се поврзани со екстремисти на Исламска држава и левичарски милитантни групи, објави Анадолија.
Властите во рациите заплениле муниција и забранети дигитални материјали, се додава во извештајот.
ДПА потсетува дека рациите следеа по неколку други апсења во текот на изминатата недела.
Критичарите наведуваат дека операциите имаат за цел да спречат протести и да го потиснат несогласувањето пред самитот на НАТО, додека властите ги опишуваат како дел од истрагите за борба против тероризмот.
