Голем број пациенти во Британија ќе бидат преместени во хотели за да се намали притисокот врз Националната здравствена служба (NHS).
За време на пилот програмата, која ќе трае три месеци, до 15 пациенти ќе добијат нега во хотел во центарот на Норвич, соопшти Националната здравствена служба Норфолк. Пациентите со Ковид-19 нема да бидат префрлени во хотели.
Пилот програмата, која треба да започне за неколку дена, е наменета за пациенти кои можат да ја напуштат болницата, но имаат потреба од дополнителна нега пред да се вратат дома.
„Оваа мерка ќе помогне да се забрза протокот на пациенти низ локалните болници за да можеме да имаме повеќе кревети за оние на кои им е најпотребно“, вели Кет Бајфорд, главна медицинска сестра на „Clinical Commissioning Group (CCG)“.
„Персоналот на Националната здравствена служба работи неуморно за да се осигура дека луѓето ќе ја добијат потребната медицинска нега што е можно побрзо. Оваа иновативна пилот-програма краткорочно ќе овозможи безбедна средина за оние кои се подготвени да ја напуштат болницата, но сепак им е потребна медицинска поддршка, “, додава таа.
За пациентите кои престојуваат во хотелот ќе се грижи персоналот од давателот на нега „Abicare“, пишува „Evening Standard“.