Aмбасадорката на САД во Македонија, Кејт Брнз, на он-лајн настан за одбележувањето на Денот на правосудството, 31 март, пред судиите, останатите амбасадори на земјите членки на ЕУ и на ОБСЕ, ја посочи како негативен пример одлуката на Советот на јавни обвинители да не ѝ дозволи пристап на ТВ екипа на јавната седница која се одржа минатата недела.

Соработуваме со Судско-медиумскиот совет во делот на амандмански измени, за да се осигураме дека репортерите ќе имаат пристап до судниците и записниците од судските процеси. Во однос на Судско-медиумскиот совет, дознав дека минатата недела јавнообвинителсткиот совет не дозволи ТВ екипа од новинар и снимател да влезат и да ја следат седницата и наместо тоа одлучија да дискутираат зад затворени врати. Ова е сосема спротивно од нашите заложби и е само еден пример колку ни е потребно да ги завршиме реформите со транспарентноста, кажа амбасадорката.

Во пресрет на изборот на обвинители во повеќе обвинителства, неодамна и Судско-медиумскиот совет испрати писмено известување до Советот на јавни обвинители во кое апелираше Советот да им овозможи на медиумите согласно здравствените протоколи, да можат да ги следат седниците, кои според закон се јавни.