Германија би можела да се соочи со уште подрастичен недостиг на станови во блиска иднина отколку што е моментално, според студијата на Институтот „Ифо“ од Минхен.

Според прогнозата на мрежата Еуроконструкт, која работи како дел од Институтот Ифо, бројот на станови кои недостасуваат во Германија може да се зголеми од сегашните 600.000 на 830.000 во 2027 година.

„Бројот на новоизградени станови би можел да падне за 35 отсто до 2026 година во споредба со минатата година“, се вели во прогнозата на Еуроконструкт.

Во 2026 година, бројот на новоизградени станови во Германија би можел да биде околу 175.000. Сегашната германска влада постави цел од 400.000 нови станови.

Експертите за станбената криза го обвинуваат растот на цените, но и недостатокот на политичка поддршка.

„Стагнација во станбениот сектор е пред се предизвикана од поскапувањето на градежните материјали и каматите за станбени кредити, што практично ја оневозможува изградбата. Но, дури и политиката досега не ја подобри значително рамката за стимулации во домувањето“, рече Лудвиг Дорфмајстер од Институтот Ифо.

Дорфмајстер рече дека драстично намалениот број на градежни дозволи „не навестува добро“.

Според студијата на Еуроконструк, бројот на новоизградени станови се намалува низ цела Европа, со исклучок на Шпанија и Португалија. Состојбата со новоградбите е полоша од Германија само во Шведска.

Во Германија, особено во поголемите градови, критична е состојбата со недостигот на станови, што влијае на драстичното зголемување на цените на кириите.