Британските медиуми наведуваат дека случаите растат во барем 83 од вкупно 240 земји во светот и дека ги нарушуваат здравствените системи.
-Очајно сакаме оваа пандемија да заврши, но Ковид-19 очигледно не е готов со нас. Значи, нашата битка мора да трае уште малку, изјави неделава Рошел Валенски, директорка на американскиот Центар за контрола и превенција на болести.
Досега е заразено најмалку 2,6 проценти од светското население, со веројатно многу поголем реален број на инфицирани, пред се, поради ограниченото тестирање во многу области.
Беше потребна една година за случаите на Ковид-19 да стигнат до 100 милиони, додека следните 100 милиони беа пријавени во следните шест месеци, се гледа од податоците на анализата. Пандемијата досега предизвика речиси 4,4 милиони смртни случаи.
Земјите што пријавуваат најмногу случаи во седумдневниот просек – САД, Бразил, Индонезија, Индија и Иран, сочинуваат околу 38 проценти од сите случаи во светот, што се пријавуваат секојдневно.
Во САД е еден од вкупно седумте пријавени случаи ширум светот. Американските држави со ниски стапки на вакцинација, како што се Флорида и Луизијана, бележат рекорден број хоспитализирани пациенти.
Шефот на болницата во Луизијана предупреди дека „најмрачните денови“ допрва доаѓаат, бидејќи 97 проценти од сериозните случаи на инфекцијата се кај невакцинирани лица, наведе тимот на Белата куќа против Ковид-19.
Земјите во Југоисточна Азија, исто така, пријавуваат зголемување на случаите. Со осум проценти од вкупното светското население, континентот бележи речиси 15 проценти од сите глобални дневни случаи, покажува анализата на Ројтерс.
Индонезија, која во јули се судри со експоненцијален раст на случаите со Ковид-19, пријавува најголем број смртни случаи во просек, со што вчера надмина вкупно 100.000 смртни случаи.
Земјата бележи еден од петте дневни смртни случаи од Ковид-19 во светот. Јужноазиската земја планира во септември постепено повторно да ја отвори својата економија, откри во понеделникот министерот за здравство Буди Гунади Садикин, истакнувајќи дека бранот на зараза го достигна својот врв и дека дневните случаи се намалуваат.
Откако мина низ најлошата зараза во април и мај, Индија повторно бележи нагорен тренд во новите случаи. Минатиот петок, земјата јави за 44.230 нови случаи на Ковид-19, најмногу во последните три недели, што предизвика загриженост за трет бран, што принуди една од федералните држави да воведе карантин.
Кинескиот град Вухан, каде вирусот првпат се појави кон крајот на 2019 година, ќе ги тестира своите 12 милиони жители за коронавирус, откако беа потврдени првите локално пренесени случаи на делта варијантата. Градот нема пријавено локални случаи на инфекција од средината на мај минатата година.
ЦДЦ во внатрешен документ соопшти дека делта варијантата, првпат откриена во Индија, е заразна како сипаниците и многу повеќе заразна од обичната настинка или грип.
Григориј Поланд, научник за вакцинација на клиниката Мајо, изјави дека сегашните вакцини нема да стават крај на инфекцијата.
-Сега сме во сценарио што сами го предизвикавме, и ќе ни требаат години или децении да ја победиме пандемијата … Ќе се обидеме да ги фатиме новите варијанти се додека не го добиеме типот на вакцината што ќе нуди блокирање на инфекцијата, рече Поланд.
Многу земји продолжуваат да се соочуваат со недостаток на опрема за тестирање, лекови и вакцини, додека делта варијантата ги оптоварува здравствените системи во посиромашните земји. Побогатите нации се повикани да донираат повеќе вакцини за да го спречат растот на заразените на глобално ниво.
Светската здравствена организација (СЗО) повикува на мораториум за давање бустер дози на вакцината против Ковид-19 барем до крајот на септември, изјави во средата нејзиниот директор Тедрос Аданом Гебрејесус.
-Ова ќе овозможи најмалку 10 проценти од населението во секоја земја да се вакцинира, нагласи тој.
Тој рече:
-Разбирам дека сите влади сакаат да го заштитат својот народ од делта варијантата. Но, не можеме да прифатиме дека земјите што веќе користеле поголем дел од глобално достапната вакцина сакаат да ја користат уште повеќе, рече тој.
Светската здравствена организација (СЗО) бара 11,5 милијарди долари за борба против делта варијантата на вирусот, покажува извештајот, во услови на загриженост дека богатите земји делумно ги заобиколуваат програмите за Ковид-19.