Сообраќајната полиција наскоро ќе може на лице место да проверува дали возач управува под дејство на дрога, со брз тест од плунка што дава резултат за три до 10 минути. Министерството за внатрешни работи веќе нарачало 10.000 вакви тестови, кои треба да пристигнат во првата половина на август. Еден тест чини 218 денари, а ќе се користи за првичен скрининг на возачи за кои полициските службеници ќе се посомневаат дека се под дејство на наркотици.
Со еден брис од плунка тестот може да открие присуство на кокаин, амфетамин, метамфетамин, опијати како морфин и хероин, екстази, односно MDMA, седативи и ТХЦ од марихуана. Полициските службеници ќе можат да го носат тестот со себе и да го употребат непосредно при сообраќајна контрола.
Според информациите од МВР, станува збор за тестови произведени во Кина, со наведена точност од 99 проценти. За нивната употреба не се потребни медицински предзнаења, а резултатот се добива во рок од најмалку три и најмногу 10 минути.
Со воведувањето на овие тестови, македонската полиција ќе се приклучи на бројни служби за спроведување на законот во светот кои користат брз и поевтин скрининг за откривање возачи што управуваат под дејство на дрога.
