– За квалитетно и достапно образование треба да имате квалитетни и инклузивни програми од една страна, но од друга страна имате обврска да ги подобрувате инфраструктурните капацитети, како и квалитетот на наставниот кадар и обука на истиот и на сето тоа забрзано работиме, изјави Царовска.
Со реформските процеси, истакна Царовска, што се поддржани од меѓународната заедница, како и од граѓански организации, сметам дека ќе ја постигнеме целта на квалитетно и инклузивно образование во период од пет до шест години.
– Ние веруваме дека новата Концепција за основното образование се потпира на инклузивноста како еден од главните столбови и дека токму затоа во делот на инфраструктурата интензивно вложуваме за да може да ги постигнеме заеднички целите, а тоа се квалитетно и достапно образование за секој ученик, за секој оној којшто влегува во процесот на образование да може да ги постигне максималните потенцијали кои што ги поседува, напомена Царовска.
Амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј истакна дека Обединетото Кралство е посветено на поддршката за образование за сите, односно дека сите деца имаат право да бидат вклучени во образовниот систем.
– Иднината на едно општество зависи од сите нас, од сите различни луѓе, од различно потекло и се радувам што овие чекори кон иднината ги правиме заедно, изјави Галовеј.
Градоначалникот на општина Неготино Тони Делков, изразувајќи благодарност за донацијата, истакна дека општината и во иднина ќе продолжи да инвестира во објекти со кои им се помага на децата со посебни потреби.
Првото инклузивно игралиште во Неготино, како што соопшти Министерството за образование и наука, е во состав на ООУ „Гоце Делчев“ и е дел од проектот „Биди Ин, биди Инклузивен, биди Инклудиран, кој се спроведува од страна на фондацијата „Чекор по чекор“ со поддршка на Амбасадата на Обединетото Кралство.