Предлог-законот вчера беше едногласно одобрен од Претставничкиот дом, а сега следува дебата во Сенатот, вториот дом на чешкиот Парламент.
Законот предвидува сирачињата до тригодишна возраст да се сместуваат исклучиво во згрижувачки семејства, наместо во домови.
– Домовите се штетни за малите деца, изјави Олга Рихтерова од либералната партија Пирати, која го иницираше предлогот.
Новиот закон ќе важи и за децата чии родители го загубиле старателството.
Моментно во чешките сиропиталишта се наоѓаат повеќе од 200 деца. Пред неколку месеци, Европскиот комитет за социјални права ја осуди оваа практика и ја обвини Чешка дека го прекршила членот 17 од Европската социјална повелба од 1961 година, кој го гарантира правото на децата на социјална, правна и економска заштита.
Комитетот изрази особена загриженост за третманот на сирачињата со инвалидитет и ромските деца.
Поддржувачите на сиропиталиштата предупредуваат на недостаток на згрижувачки семејства. Предлогот да им се дозволи на невенчаните двојки да посвојуваат деца беше отфрлен вчера во Парламентот.