Промена во методологијата на пресметка на минимална кошница
Премиерот Христијан Мицкоски смета дека е неопходно да се извршат измени во начинот на кој се пресметува потрошувачката минимална кошница. Премиерот цели истата да биде попрецизна и реална. Според него, во подготовката на методологијата треба да учествуваат сите засегнати страни, а при пресметката да се земат предвид цени од поекономични супермаркети. Потенцираше дека не треба да се земе пример од поскапите ланци на маркети.
Мицкоски за нелогичноста на одредени производи во кошницата
„Во текот на јануари не консумирав некои од производите што се вклучени во минимална кошница. Такви се диња, лубеница, грозје, цреши, кајсии и праски. Не испив ниту 250 грама лименка нескафе, не пушам, а таму гледам дека се вклучени и цигари. Чудно е и нелогично во една минимална кошница да има цигари, бидејќи тие се дел од методологијата“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
На вчерашниот состанок на Економско-социјалниот совет, беше предложено креирањето на потрошувачката кошница да биде во надлежност на независно тело составено од синдикатите, Државниот завод за статистика, Организацијата на потрошувачи, како и министерствата за економија и финансии.
Во меѓувреме, граѓанните со повици за бојкот на маркетите. Претходниот петок се бојкотираа дел од маркетите, а такви најави има и за овој петок.
Филипче: Граѓаните немаат пари, тоа е проблемот
Од друга страна, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, смета дека не е важно како се пресметува кошницата, кога граѓаните и онака немаат доволно средства за да ги купат основните производи.
„Апсолутно е ирелевантно на кој начин се пресметува синдикалната кошничка кога граѓаните, кога ќе влезат во маркет за да купат основни продукти, едноставно немаат доволно пари во своите паричници. Луѓето едвај преживуваат од месец во месец. Владата мора да биде свесна дека е директно одговорна за оваа состојба, бидејќи животниот стандард на граѓаните постојано опаѓа. Нема никаков план за зголемување ниту на минималната, ниту на просечната плата“, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Синдикатите ќе продолжат со својата пресметка
Проблемот со минимална кошнца ги крена на нозе синдикатите. Сојузот на синдикати, кој веќе 15 години ја составува потрошувачката кошница, најави дека ќе продолжи со својата методологија за пресметка, без разлика на владините предлози.