Во денешната емисија „За или Против“ на Алфа ТВ гостуваше Наќе Чулев кој што во однос на техничката влада истакна дека поради најслабиот рејтинг на СДС во историјата тие и ДУИ се спремни да извршат најголем историски поткуп на следните избори и токму поради тоа неопходно е според него учество на опозицијата во техничката влада поради спречување на изборен поткуп и изборни манипулации.
„Да, во рамки на партијата се водат дискусии на оваа тема меѓутоа официјален состанок на ИК на оваа тема уште нема, се очекува во наредниот период во најбрз рок да има состанок на ИК каде што една од точките ќе биде и учеството на ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада, така да тогаш ќе биде и јавноста информирана за официјалниот став на ВМРО-ДПМНЕ по ова прашање.Сакам да ја информирам јавноста за мојот личен став и целокупното искуство што го имав како министер за внатрешни работи во техничката влада вклучително и за предизвиците со кои би се соочил изборниот процес во отсуство на претставници на ВМРО-ДПМНЕ во таа техничка влада“ нагласи Чулев.
Чулев кажа дека се надева дека рокот на оваа техничка влада нема да биде пролонгиран и дека изборите ќе бидат реализирани во тајмингот кој што е договорен претходно.
„Имено како што знаете ова ќе биде трета техничка влада, првата беше 2016 година која што својот мандат го заврши после речиси година и пол 2017, втората од јануари 2020 до средина на јули исто 2020, беше пролонгиран и рокот на првата и рокот на втората техничка влада, се надеваме дека рокот на оваа техничка влада нема да биде пролонгиран и дека изборите ќе бидат реализирани во тајмингот кој што е договорен претходно. Техничката влада вклучува учество на 2 министри од опозицијата и тројца заменици министри и тоа министри за внатрешни работи, министер за труд и социјална политика и заменици министри во министерството за информатичко општество и администрација, во финансии и министерството за земјоделство. Како и да е сметам дека ова ќе биде последна техничка влада поготово заради тоа што ВМРО-ДПМНЕ сигурно ќе предложи повторно одредена иницијатива за укинување на техничката влада“ истакна Чулев.
Чулев потенцираше дека СДС и ДУИ се спремни за најголем историски поткуп на следните избори.
„Во ситуација кога СДС историски гледано од 1991 се наоѓа во најголемата криза со најнизок историски рејтинг и поддршка од граѓаните вклучително кога голем број на функционери на ДУИ и СДС се инволвирани во огромни корупциски скандали и афери и кога се загрозени со кривично правно процесуирање доколку дојде до промена на власта а тие се сигурни дека ВМРО-ДПМНЕ нема да калкулира и нема воопшто да прави пазар во смисла на процесуирање на функционери ко исе огрешиле пред законот тие се спремни да извршат најголем поткуп во историјата на Македонија“ кажа Чулев.
Чулев кажа и дека има сознанија дека во рамки на состаноците кои се организираат во СДС и во ДУИ веќе се прават планови и се прават тајминзи за превземање на конкретни активности во смисла на изборен поткуп и изборни манипулации, како институционален така и индивидуално ниво.
„Мојот став по ова прашање е дека ВМРО-ДПМНЕ треба да учествува во техничката влада. Прво поради спречување на изборен поткуп, изборни нерегуларности и изборни манипулации. Нашите сознанија зборуваат дека во рамки на состаноците кои се организираат во СДС и во ДУИ веќе се прават планови и се прават тајминзи за превземање на конкретни активности во смисла на изборен поткуп и изборни манипулации, како институционален така и индивидуално она диво давање на пари. Се детектираат лица преку кои тоа ќе се прави средини, и тн“ кажа Чулев.