Црна Гора сака полноправно членство во Европската Унија и еднакви права со сите други земји членки. Подгорица е подготвена да прифати механизми за заштита од демократско назадување, но не и ограничување на нејзините права, изјави црногорската министерка за европски прашања Маида Горчевиќ.
„Црна Гора е многу јасна. Сакаме полноправно членство“, рече Горчевиќ, коментирајќи ги предлозите во Европската Унија според кои новите членки привремено не би имале одредени права, меѓу кои и правото на глас во некои области.
Таа посочи дека Црна Гора веќе 14 години води пристапни преговори со ЕУ и дека еднаквоста е од особено значење за земјата.
Во Европската Унија се води дебата дали идните членки треба да прифатат привремени или структурни ограничувања во областите поврзани со буџетот, проширувањето и надворешната политика. Причина за ваквите предлози е загриженоста на дел од сегашните земји членки поради можноста за демократско назадување.
Горчевиќ нагласи дека Црна Гора нема намера во иднина да го користи правото на вето за блокирање одлуки. Сепак, Подгорица не би прифатила статус на „членка од втор ред“ како дел од договорот за пристапување во Унијата.
Црна Гора досега затворила 18 од вкупно 33 преговарачки поглавја. Земјата планира да ги затвори и преостанатите поглавја до крајот на годината, со цел да стане полноправна членка на Европската Унија во 2028 година.
Според Горчевиќ, постепената интеграција и Планот за раст за Западен Балкан претставуваат корисни чекори во процесот на приближување кон Унијата, но не можат да бидат замена за полноправното членство.
