Нови имиња на американската црна листа од Македониија се најдоа денеска на веб страницата на Стејт Депарментот. Тоа се поранешната главна специјална обвинителка на Македонија, Катица Јанева и актуелниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски
Од Стејт департментот информираат дека нивните постапки го поткопале владеењето на правото и вербата на јавноста во демократските институции и јавните процеси на нивните влади.
Во нејзиното службено својство на поранешен специјален главен обвинител на Македонија, Јанева беше вмешана во коруптивни дела, вклучително и користење на нејзиното политичко влијание и официјална моќ за лична корист. Постојат веродостојни информации кои Јанева ги побарала и примила поткуп за да влијае на обвинителството под нејзина надлежност. Во неговото службено својство како градоначалник на општина Карпош, Јакимовски беше вмешан во коруптивни дела, вклучително и користење на својата службена положба за мешање во урбаниот развој и процесите на набавки за да имаат корист за себе и за неговите соработници.стои во известувањето на Стејт Департментот.
Освен Јакимовски и Јанева Стејт департментот ги определува и членовите на нивното потесно семејство – двата полнолетни синови на Јакимовски, Гоце Јакимовски и Дамјан Јакимовски, и возрасниот син на Јанева, Лазар Јанев, неподобни за влез во САД.
Се огласи и Агелер
САД ќе продолжат да ги именуваат функционерите на која било партија ако се вклучени во корупција, напиша на социјалните медиуми американската амбасадорка Анџела Агелер.
Денешните ознаки на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и актуелниот претседателски кандидат и градоначалник Стевчо Јакимовски никого не треба да изненадуваат. Соединетите Држави ќе продолжат да ги именуваат функционерите на која било партија, огранок на владата или заедница што е вклучена во значителна корупција. Народот на Македонија заслужува правда и одговорност од нивните институции за да се запре бранот на криминално однесување и да се запре ракот на корупцијата, порача Агелер.
Реагираа и партиите
Железната тупаница на СДС со која се фалеа дека ќе донесе правда, Катица Јанева денеска е прогласена за непожелна личност во САД, поради криминал и корупција, се вели во партиското соопштение на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Јанева која за СДС беше синоним за правда, од денеска се наоѓа на црната листа на нашиот стратешки партнер САД. СДС даваше најголема поддршка на СЈО и Јанева, злоупотребувајќи го судството и обвинителството за пресметка со неистомисленици. Каде им се сега маичките со ликот на Јанева на функционерите од СДС денеска кога истата беше прогласена за непожелна личност на САД? Воедно, и градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски кој излезе од коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, а направи неформална коалиција со СДС и Ковачевски, од денеска се наоѓа на црната листа на САД. На СДС и Ковачевски устите им се полни со прозападни вредности, со проевропски фронт, а всушност се во коалиција со луѓе криминализирани до гуша. Ковачевски само со такви корумпирани лица може да биде во коалиција. Ставањето на црната листа на Јанева и Јакимовски и нивните смејства го потврдува она кое што ВМРО-ДПМНЕ изминатите 7 години јавно го говори, а тоа е дека институциите во Македонија наместо да функционираат во интерес на граѓаните, тие ги штитат криминалците, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Последната одлуката на нашиот стратешки партнер, САД е уште една потврда зошто итно е потребно да се донесе Законот за рестриктивните мерки во македонското Собрание, се вели во партиското соопштение на владејачката СДСМ.
Законот е доставен до Собранието од страна на Владата. СДСМ го повикува пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ кој раководи со собраниската Комисија за надворешна политика веднаш да го стави на дневен ред, Мицкоски и ДПМНЕ да го поддржат и законот да биде усвоен. Треба веднаш да се создаде можност сите вакви случаи наведени од нашите стратешки партнери да може да се процесираат преку домашното законодавство. Нема компромиси во борбата против корупцијата и криминалот и не смее да има дополнителни одлагања, истакнуваат од СДСМ.
Се јави и Јакимовски
Кандидатот за шеф на државата од ГРОМ, Стевчо Јакимовски најави дека ќе поднесе кривична пријава против непознат сторител откако денеска се најде на „црната листа“ на САД. Јакимовски, кој вечерва одржа прес-конференција, рече дека е изненаден од одлуката на САД и најави дека нема да се откаже од изборната трка.Според Јакимовски, ова може да се сфати како акт на насилство и како директно мешање во изборниот процес, што, како што рече, е казниво и кривично дело.
„Ова е мешање на странски разузнавачки служби во изборот на претседател на државата. Јавно кажувам дека ќе поднесам кривична пријава против н.н. сторител. Мора да се утврди кој од овде ја направи оваа нечесна работа“,рече Јакимовски на прес-конференција пред Општина Карпош на која присуствуваа дел од членовите во партијата.
Кои се останатите функционери на Црната листа
Кочо Анѓушев, Орце Камчев, Рамиз Мерко, Сашо Мијалков, Никола Груевски се само дел од лицата кои во изминатиов период се најдоа на „црната листа“ на САД. Тогашната владата најави дека ќе изврши законски измени преку кои ќе овозможи отворање на постапки за субјектите кои се наоѓаат под санкции од САД.