Лекарите од секоја болница во земјава лекуваат од ковид-19 по сопствено убедување, затоа што нема национален, унифициран протокол што по закон мора да биде потпишан од министерот за здравство и мора да е објавен во „Службен весник“, дециден е д-р Злате Мехмедовиќ од Здравствениот дом Скопје.

Постои еден протокол од Миленковиќ, кој Министерството го има објавено на страницата на почетокот на пандемијата, кој е хаотичен и не се користи во ковид-центрите. А национален протокол претставува упатство пропишано со закон потпишано од министер, објавено во „Службен весник“, кој ќе мора да го користат сите ковид-центри и сите доктори, такво нешто нема. Како лекуваат докторите? Се договараат на ниво на стручен колегиум. Како што знаеме, стручни колегиуми има само во здравствените установи на највисоко ниво. На веб-страницата на Министерството за здравство има упатства за лекување разни болести – за дијагностика, за терапија, кога пациентот треба да се испише, кога да се хоспитализира. Таква работа за ковид-19 нема, изјави д-р Мехмедовиќ за „Слободен печат“.