Од болести на кардиоваскуланиот систем минатата година починале 6.888 лица, со стапка на смртност од 378,4 на 1.000 жители. Овие заболувања учествуваат со 34 отсто од вкупниот морталитет и се на прво место меѓу причините за смртност, изјави денеска директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска.

Таа додаде дека поради тоа денеска кога се одбележува Светскиот ден на срцето, од ИЈЗ спроведуваат бесплатни прегледи за населението со цел подигнување на свеста за заболувања на срцето.

– Со ваквите активности сакаме да ја подигнеме свеста за раната превенција, бидејќи превенцијата е клучна, и да испратиме порака да се избегнуваат ризиците кои можат да придонесат до тоа, а тоа е високиот крвен притисок, високиот шеќер, промени во телесната тежина (односно зголемување на телесната тежина), недоволна физичка активност и други фактори кои можат да укажат.​ На денешната наша теренска активност, луѓето можат бесплатно да добијат совети од стручни лица, да измерат притисок, шеќер, висина, тежина, да добијат совети како навремено и превентивно да реагираат, односно да се грижат за сопственото здравје поврзано со нивното срце, т.е. со кардиоваскуларните заболувања, рече Андоновска, која меѓу другото се заблагодари на министерот Клековски за реализацијата на оваа едукативна теренска активност, која е дел од националната буџетска програма одобрена од Министерството за здравство.

Пунктот за бесплатни прегледи го посети министерот за здравство Сашо Клековски, кој изјави дека кардиоваскуларните заболувања и смртноста од нив се еден од најголемите предизвици во земјата, регионот и во светот, а Македонија и регионот имаат двапати поголема предвремена смртност отколку Европа.

– Нашиот фокус треба да бидат кардиоваскуларните заболувања, бидејќи тие се еден од главните контрибутори за предвремена смртност на луѓе на возраст меѓу 30-та и 70-та година, кога очекуваниот животен век е 75 години. ​И тоа што е многу важно, сите овие работи може да се превенираат и рано откријат со едноставни работи. На пример мерењето притисок, тоа е едноставна работа, само треба да ја практикуваме, бидејќи високиот крвен притисок е еден од најтивките убијци, условно да кажам, кој влијае и на срцевото здравје, и на бубрежното здравје, и на мозочното здравје. Заедно со нерегулираниот дијабет стануваат главни контрибутори во срцеви, мозочни и бубрежни заболувања, рече Клековски.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа колку се свесни граѓаните за нивната кардиоваскуларна состојба истакна дека премногу се потпираме на чувството дека сме добри без да правиме проверки.

– Висок крвен притисок не мора да го почувствувате, висок шеќер во крвта не мора да го почувствувате или може да го почувствувате релативно доцна кога веќе почнуваат штети по критични органи. Затоа е неопходна одредена дисциплина во контролата на работите. ​Сега веќе мерење на притисок или мерење на шеќер се широко достапни и релативно евтини методи. Сакам да ја обновам расправата за воведување на достапноста на овие методи и во аптеките. Тоа е еден предлог што стои повеќе од две години застанат и заборавен. Мојата цел е секаде каде што има едуциран здравствен работник — без разлика дали е медицинска сестра, доктор, фармацевт — да се даде можност да се прават едноставните контроли. Зборуваме за мерење притисок, гликемија, кои можеме и самите да ги направиме. Не ни треба медицинска сестра или доктор да го направи тоа, рече Клековски.