Поминаа 16 години од трагичното загинување на нашата најголема музичка ѕвезда, човекот кој беше синоним за добрина, човекољубивост и ангелски глас – Тоше Проески. Беше скормен, а често не се фалеше за своите добри дела, оние на кои им помогна и ден-денес се благодарни за неговата хуманост. А, таквите убави приказни се многубројни.

На овој ден, сакаме да се потсетиме на неговите размислувања за животот, со кои своевремено ја покажуваше својата длабочина и мудрост, објавува Слободен Печат.

За богатството

„Мене ми е незамисливо кога некој што може да им даде нешто на оние што имаат малку или ништо, ги затвора очите и не им подава рака. Низ годините, јас научив да се однесувам како некои луѓе кои ми помагаа кога моето семејство беше сиромашно. Се трудам да им помагам на сите блиски колку што можам, дури и на оние кои не ми се ништо. Затоа сум амбасадор на УНИЦЕФ. Живеам одлично, како и порано, и повеќе од тоа не ми треба. Јас бев најсреќен кога му купив автомобил на татко ми. Се вратив од турнеја и не купив за себе, туку купив за него!“

За пријателите и „пријателите“

„Мојата кариера многу ми помогна да ги препознаам вистинските и лажните пријатели. Оние кои ми беа вистински пријатели останаа покрај мене и кога работите не беа толку одлични во мојот живот и во кариерата, а во тој момент периодично исчезнуваа другите, но не знаеја дека тој период ќе трае пократко од нив“.

За славата

„Целта на мојот живот не е кариера, туку контактот со луѓето, можноста да разменам енергија со нив. Сакам позитивно да влијаам на сите околу мене, тоа е мојата мисија. Никогаш нема да си речам: ‘Браво’. Правам нешто што го сакам, но никогаш не сум воодушевен. Често наоѓам маани, но тоа е дел од мојата работа. Не се идеализирам себеси, ниту кој било друг пејач. Можам само да ги ценам моите колеги. Мојот единствен идол е Бог, а сите други луѓе си ја вршат работата добро или малку полошо. Нема ѕвезди, освен оние на небото. Јас само си ја работам својата работа, а тоа што сум популарен само ме прави успешен“.

За жените

„Секоја жена на овој свет заслужува, барем во очите на еден маж, во еден момент, во една секунда, макар тоа било и само еднаш во животот, да се почувствува најпосакуваната жена на светот и ако цел живот ми помине во тоа, ќе знам дека не сум го потрошил залудно“.

За Бога

„Верувам во Господ и можам само да му се заблагодарам за дарот што го имам, бидејќи тоа што го работам го сметам за мисија што тој ја извршува преку мене. Јас сум само марионета. Исус беше распнат за луѓето. Луѓе блиски до себе. И денес добрите и успешните луѓе се распнати од блиските. На сите ни се случува. И на мене. Но, не сум разочаран. Напротив, мислам дека тоа е во човечката природа. Се обидувам да им дадам до знаење дека не треба да го следиме примерот на луѓето кои го предадоа Исус. А квалитетните луѓе, луѓето кои отскокнуваат, се распнати. Уметници, спортисти… Чекаме прво да станат познати во светот, па дури потоа овде признаваме дека се навистина нешто посебно. Тоа се случува редовно“.