Огнот се шири поради жештината и ветерот
Неколку големи пожари избувнаа во различни делови на Далмација, а пожарникарските екипи со часови се борат со огнената стихија. Ширењето на пламените јазици го отежнуваат високите температури и ветерот, поради што состојбата на повеќе локации останува сериозна.
Хвар и Шибеник меѓу најпогодените подрачја
На островот Хвар, во местото Света Недела, шумски пожар зафатил околу десет хектари борова шума и делови од лозја. Во гаснењето учествувале околу 50 пожарникари со 15 возила, а од воздух интервенирале и пет канадери. Огнот во еден момент се приближил до куќите, но пожарникарите успеале да ги заштитат. Сериозна состојба е регистрирана и кај Шибеник, каде пожарот во Дубрава и индустриската зона Поди зафатил околу 100 хектари трева, ниска вегетација и борова шума. На терен биле ангажирани повеќе од 70 пожарникари со 24 возила и четири канадери, а властите информирале дека е спасена најмалку една куќа која била директно загрозена од огнот.
Активни пожари и кај границата со Црна Гора
Пожари се активни и во Паркот на природата Телашчица, каде гори во увалата Јаз и во Мала Проверса, а во интервенциите се вклучени и воздушни сили со противпожарни авиони. Во текот на денот пожари биле регистрирани и на подрачјата Билице и Чиово. Особено внимание предизвикуваат пожарот кај Плат и огнот во близина на границата со Црна Гора. Според хрватските власти, пожарот што избувнал на територијата на Црна Гора по удар од гром делумно се проширил и на хрватска територија. Поради непристапниот терен, пожарникарите внимателно ја следат ситуацијата и работат на спречување на понатамошното ширење.
