Како што е најавено, белгиските фудбалери во 10-та минута, симболично како и бројот на дресот што го носи Ериксен, ќе ја исфрлат топката во аут, додека навивачите на „Паркен“ стадионот во Копенхаген со бурни овации ќе му посакаат брзо закрепнување на данскиот репрезентативец.
Ериксен во саботата колабираше на теренот за време на натпреварот од првото коло во групата Б меѓу Данска и Финска, откако од се уште непознати причини, доживеа срцев удар и по брза интервенција на лекарите беше реанимиран и пренесен во болница во Копенхаген.
Неговата здравствена состојба е стабилна, а лекарите вршат детални испитувања за да ги откријат причините поради кои срцето на 29-годишниот фудбалер за миг престана да чука.