Државната изборна комисија (ДИК) е максимално подготвена за Локалните избори, изјави во интервју за МИА претседателот на Комисијата Александар Даштевски, и нагласува дека идеални избори не постојат, но се надева дека овие избори ќе бидат многу подобри од кои било други досега бидејќи се воведува гласање со отпечаток од прст.
-Можеби ќе има некакви проблеми, но ќе спречи најголем дел од нерегуларностите што постоеа кај нас. Затоа и се договорија големите партии да го воведат овој начин на гласање, вели Даштевски во интервјуто.
Потенцира дека недоверливиот и доверливиот материјал во којшто спаѓаат и уредите за биометриска идентификација се навреме доставени до општинските изборни комисии и до изборачките одбори, како и дека за спроведување на изборите со уредите се направени три циклуси на едукација на нивните членови. За денот на изборите, на 17 октомври, ќе бидат ангажирани 400 ИТ инжинери и експерти, 320 од ДИК и 80 од компанијата „Дермалог“ од која се набавени уредите, кои ќе се погрижат да се надминат сите проблеми со нивната примена.
Даштевски во интервјуто за МИА за јавноста уште еднаш појаснува каква ќе биде постапката за гласање, нагласувајќи дека е казнив секој обид за манипулација или неправилност или оштетување на уредите за проверување на отпечатоците од прсти на гласачите. Потенцира дека се што се внесува како податок или колектира во уредите за отпечатоци од прсти ќе се проверува на брзи скенери во Државната изборна комисија.
– Кај нас овде во ДИК има специјални брзи скенери кои ги проверуваат брзо податоците. Никако не смее да стави отпечаток од прст друго лице бидејќи веднаш ќе се открие овде кај нас и ќе се поништи гласањето на тоа место, а од друга страна тие што го направиле тоа може да сносат и одговорост поради тоа бидејќи тоа не е дозволено. И мора да спомнеме дека мора внимателно да се управува со тие уреди, тоа важи и за гласачите и за членовите на избирачкиот одбор бидејќи доколку се случи да се оштети или, не дај боже, да се скрши уредот, тогаш постои кривична одговорност бидејќи се работи за уред кој ги содржи доверливите податоци на луѓето. Најдоверливите затоа што никаде на друго место ги нема отпечатоците на прсти, дури ни во избирачкиот список. Треба внимателно да се управува бидејќи доколку се случи нешто постои одговорност бидејќи тоа е оштетување на доверливиот материјал. И тоа треба да го знаат сите, јавноста. Во време на носење или после тоа тие се многу заштитени. Имаат кутии кои се заштита од вода, удар, прашина итн. Фактички нема можност нешто да се случи додека не се извади апаратот од кутијата, потенцира Даштевски.
Најавува дека на овие избори резултатите ќе бидат објавени околу или после полноќ бидејќи ќе се споредуваат.
– Ќе бидеме внимателни, бидејќи постојат уредите за да пресметаме добро за да не испадне да објавиме едни па после да испаднат други. Така што малку поспоро ќе оди, меѓутоа има држави каде што резултатите ги чекаат по еден месец. На Косово бидејќи се отворени листи тешко се пребројуваат, некогаш ги чекаат и по еден месец, вели Даштевски во интервјуто за МИА, што ќе биде објавено утре.