Брз воз со патници остана блокиран во тунел во шпанската покраина Толедо по дефект на електричното напојување. Инцидентот се случи само еден ден по тешката железничка несреќа во земјата што однесе десетици човечки животи.
Композицијата на францускиот оператор „Оуиго“ сообраќала на линијата од Мурсија кон Ваљадолид преку Мадрид. До ненадејниот прекин на патувањето дошло поради дефект и оштетување на контактната мрежа од која возот се напојува со струја.
Патниците биле принудени да чекаат во темница и без систем за вентилација. Со цел да се заштеди преостанатата енергија до пристигнувањето на спасувачките екипи, персоналот морал целосно да ги исклучи главното осветлување и климатизацијата, при што вратите останале затворени, а тоалетите биле надвор од функција.
Очевидци на социјалните мрежи споделија сведоштва за напнатата атмосфера во вагоните, посочувајќи дека патниците сепак успеале да ја задржат присебноста и покрај неизвесноста. Од железничкиот оператор соопштија дека за патниците е обезбеден вонреден автобуски превоз до нивните крајни дестинации.
Компанијата најави дека на сите засегнати граѓани ќе им биде извршен поврат на уплатените средства за патувањето, заедно со дополнителен надомест во висина од 200 отсто од цената на билетите. Овој технички дефект дополнително ја зголеми загриженоста во шпанската јавност околу сигурноста на пругите по неодамнешните безбедносни предизвици во железничкиот систем.
