Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги обвини Соединетите Држави за лицемерие откако американскиот државен секретар Антони Блинкен рече дека на Русија не може да и се дозволи да води војна во Украина неказнето, за време на безбедносниот форум на кој присуствуваа во петокот во Њу Делхи.
Врховните дипломати од Москва и Вашингтон присуствуваа на собирот на министрите за надворешни работи на Групата 20 во главниот град на Индија претходно оваа недела и се сретнаа лично за прв пат откако руските сили ја нападнаа Украина пред една година.
„Ако и дозволиме на Русија неказнето да го прави она што го прави во Украина, тогаш тоа е порака до потенцијалните агресори насекаде дека можеби ќе можат да се извлечат и со тоа“, рече Блинкен на форумот за стратешки прашања Рајсина Дијалог
Говорејќи на истиот форум за стратешки прашања по Блинкен, Лавров рече дека „двојни стандарди“ е да се доведе во прашање руската акција во Украина, кога САД наведоа „закана за нивниот национален интерес“ за да ја оправдаат воената интервенција во различни делови на светот, вклучително и војна во Ирак, воздушни напади врз Либија и бомбардирање на Југославија за време на косовскиот конфликт во 1999 година.
Лавров рече дека прашањето кога Русија ќе преговара за крај на војната треба да му се постави на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Сите прашуваат кога Русија ќе преговара… Западот постојано вели дека сè уште не е време за преговори бидејќи Украина мора да победи на бојното поле пред какви било преговори“, рече тој.
На Г-20, Соединетите Американски Држави и нивните сојузници ги повикаа земјите-членки да продолжат да вршат притисок врз Русија да го прекине конфликтот, но Г-20 не можеше да се договори за заедничка изјава за војната поради противењето на Кина и Русија, која ги нарекува нејзините дејствија „специјална воена операција“ со цел да се отстрани, како што вели, закана за сопствената безбедност.