Под мотото „Запознај го својот иден вработен/работодавец!“ во просториите на Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје денеска ќе се одржи пленарна седница, саем на кариера и панел дискусија.
Од Факултетот информираат дека директна средба „Студент-Работодавец“ ќе се реализира по пат на организиран Саем на кариера, во аулата на Факултетот за земјоделски науки и храна, а истовремено, овој ден ќе ги поврзе и главните чинители од бизнис секторот и институциите со Факултетот за земјоделски науки и храна-Скопје, со цел согледување на потребите на пазарот на трудот и можностите за прилагодување на студиските програми, практиканството и можностите за вработување.
На настанот свое обраќање ќе имаат клучните актери за иницирање, поддршка и спроведување на политиките за современо образование и кариерен развој, како и развојот на земјоделско-прехранбениот сектор.
Како што потенцираат од Факултетот, на настанот ќе учествуваат проректорот за меѓународна соработка при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Ордан Чукалиев, деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна, проф. д-р Вјекослав Танасковиќ, директорот на програмата ИМЕ, Горан Дамовски.