Логистичкиот конзорциум на Босна и Херцеговина соопшти дека се евидентирани 100 случаи на присилно или насилно враќање на професионални возачи од земјите на Европската Унија, како и повеќе од 100 дена поминати во притвор и затвори во земји-членки на ЕУ.
Истовремено, надлежните институции на Германија, Австрија, Полска и други земји потврдиле дека само вчера биле обработени дополнителни 100 нови случаи на присилно враќање на возачи.
Според Конзорциумот, станува збор за професионални возачи кои се редовно вработени, поседуваат важечки договори за работа и комплетна документација, но и покрај тоа биле прогласени за лица со „нелегален“ престој на територијата на одредени земји од ЕУ и присилно отстранети.
Депортација на професионални возачи
Од Конзорциумот појаснуваат дека присилното враќање, односно депортацијата, подразбира ситуација во која лице, врз основа на формално толкување на престојот или проценка на ризик, се прогласува за нелегално присутно, без да се земат предвид статусот на вработување, договорот за работа и уредната документација, по што се враќа во матичната земја.
Тие наведуваат дека во последните 365 дена, само во Германија, 100 професионални возачи биле насилно отстранети исклучиво поради извршување на својата работа во меѓународниот патен транспорт.
Конзорциумот истакнува дека станува збор за лица кои не го кршат законот, не бараат азил и не претставуваат безбедносен, миграциски или социјален ризик, туку единствено ја извршуваат својата професионална дејност.
Според нив, ваквата практика претставува директно кршење на основното право на работа и е спротивна на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, меѓународните договори за труд и вработување, принципите на слободно движење на стоки и нормалното функционирање на синџирите на снабдување, како и на јасната разлика меѓу професионални возачи и туристи или нерегуларни мигранти.
Конзорциумот предупредува дека продолжувањето на оваа практика ќе има не само секторски, туку и сериозни економски, социјални и стратешки последици за Босна и Херцеговина и ги повикува надлежните институции да преземат активности за надминување на состојбата.
Во таа насока, превозниците од Западен Балкан најавија дека на 26 јануари ќе ги блокираат граничните премини кон Европската Унија, со цел да укажат дека системот за влез и излез од Шенген зоната не треба да се применува за професионалните транспортни возачи.
