Во првите шест месеци и извозната активност била зголемена за околу 70 проценти во однос на истиот период лани, а увозната за 90 проценти. Во првата половина од годината се склучени договори за нови инвестиции во вредност од 105 милиони евра.
Извозната активност во индустриските зони достигнала 1 милјарда 559 милиони евра, што е за 67 проценти од истиот период во 2020, додека во однос на 2018 година порастот е 33,5 проценти.
-Овие бројки покажуваат дека економијата во тамки на ТИРЗ е на добар пат. Не зборуваме веќе за опоравување туку за реален раст и очекуваме и се надеваме дека овие бројки ќе продолжат да растат и во наредниот период, рече на денешната прес-конференција директорот на ДТИРЗ Јован Деспотовски.
Тој информира дека пораст се бележи и кај увозот во зоните. Вкупното ниво на увоз во првото полугодие годинава е во висина од 1 милијарда 535 милиони евра, со раст во однос на истиот период лани од 90 проценти.
-Исто како извозот и увозот е позитивен бидејќи компаниите внесуваат нова технологија и репроматеријали, кои понатаму ќе бидат предмет на извоз и приходување, така што очекувам овие зајакнати позитивни трендови во увозот, во наредниот период да доведат и до поголем извоз од зоните, рече Деспотовски.
Зголемен е и бројот на вработени во зоните. Вкупниот број во моментов изнесува 14 230 вработени. Во последните пет години, рече директорот на ТИРЗ, има пораст од околу 50 проценти.
Во првите шест месеци од годинава потпишани се договори за инвестиции во висина од 105 милиони евра, во кои се сметаат и последните со две компании во вредност од 40 милиони евра, за кои разговорите се завршени и се чека формално одобрување.
-Овие 105 милиони евра нови странски инвестиции во следниот период треба да донесат 1.850 нови работни места, вкупни приходи односно пораст на извозот во следните 10 години некаде во висина од 2 милијарди и 100 милиони евра, средства за државата по основ на персонален данок на доход во износ од 7,2 милиони евра, потоа 33,2 милиони евра по основ на придонеси и 36,8 милиони евра од данок на добивка, рече Деспотовски.
Тој додаде дека остануваат на проекциите за 1 милијарда нови странски инвестиции до крајот на мандатот. Тоа, според Деспотовски, се темели и на фактот што, како што истакна, веќе се разговара со 30 компании за инвестиции во висина од 400 милиони евра и отворање нови 8.500 работни места.
Директорот на ТИРЗ истакна дека во привлекувањето странски инвестиции, се води сметка и за тоа да влезат што поголем број инвеститори, но, како што рече, и инвестициите да бидат поквалитетни и да понудат поголеми плати за вработените.