Податоците на Министерството покажуваат дека вчера се регистрирани 143 нови случаи со Ковид-19 од направени 3.101 тестирање. Починале двајца пациенти, а оздравени се 32.

Здравствените власти потенцираат дека делта сојот на СарсКов2 ја прави вакцинацијата уште поважна и оттука мора да се вакцинираат што поголем број граѓани за да се избегне повторно затворање, полициски час и слично.

– Граѓаните мора да покажат висока дисциплина, да се вакцинираат, за да се заштитат самите себе, семејствата, децата, пријателите, колегите на работа. Мерките кои ќе стапат во сила ги најавуваме, ние не сме единствена земја која ќе воведе мерки, многу по рестриктивни мерки веќе се применуваат во земјите од регионот, Европа и светот. Во обид да се зачува јавното здравје и да се стави под контрола рапидното зголемување на бројот на заразени, што претставува ризик од преоптоварување на здравствените системи, сè повеќе земји воведуваат задолжително приложување на вакцинален сертификат за своите граѓани, за непречено користење на јавните места и услуги, информираат од Министерството.

За разлика од други земји, каде за одредени категории професии вакцинацијата е задолжителна, кај нас таа е право на избор, велат од Министерството за здравство, потенцирајќи ја важноста од вакцинација.

– Затоа граѓаните кои досега не се вакцинирале, се двоумат или имаат дилема околу вакцинирањето, да се охрабрат и што побрзо да примат вакцина. Вакцините се безбедни и ефикасни, штитат од компликации на болеста и смртен исход. Само со масовна имунизација може да спречиме ширење на мутации на Ковид-19, порачуваат од Министерството за здравство.

Данска, Австрија и Унгарија беа меѓу првите земји кои во март оваа година воведоа здравствени сертификати, кои во Австрија сè уште се неопходни за посета на ресторани, хотели и спортски центри. Вакви мерки се актуелни и во Португалија и Ирска, додека во Луксембург се построги и вакциналниот сертификат е задолжителен и при влез во маркетите. Приложувањето на сертификат за вакцинација во затворените угостителски објекти минатиот месец стапи во сила и во соседна Грција, а во Италија, пак, за престој во затворени простории, граѓаните е неопходно да приложат документ за вакцинација за примена барем една доза, доказ за имунизација по природен пат, односно прележување на вирусот или негативен ПЦР тест, не постар од 48 часа. Вакциналниот сертификат во Италија е задолжителен за наставниците, граѓаните кои користат јавен превоз, за влез во кината, музеите и на спортските настани, но и за гостите во рестораните. Четвртиот бран на Ковид-19 предизвика пораст на инфекциите и во Франција, каде во сила стапија мерките за задолжителна вакцинација на здравствените работници и приложување на сертификат или негативен ПЦР тест за присуство на јавни места, настани со масовна посетеност и користење јавен превоз. По стапување на мерките, билансот на населението со две примени дози од вакцината изнесува 50 отсто. Покрај европските, повеќе земји во светски рамки, меѓу кои и САД, воведуваат задолжителна вакцинација за одредени категории на граѓани, но и задолжителен сертификат за имунизација за посета на јавни места, користење на јавните добра и услуги.

Последната статистика од вчера покажува дека од направени 3.101 тестирање, регистрирани се 143 нови случаи со Ковид-19 и тоа повторно најголем број во Скопје – 79. Во Гостивар се регистрирани 16 нови случаи, во Кичево – 12, Дебар – 8, Куманово – 7, Тетово и Струга – по шест, Радовиш – три, Струмица – два, Кавадарци, Крива Паланка, Берово и Македонски Брод – по еден. Регистрирани сe 32 оздравени пациенти од: Дебар – 9, Скопје – 8, Тетово – 5, Гостивар – 3, Свети Николе и Пехчево – по 2, Кавадарци, Битола и Гевгелија – по 1. Пријавени се две починати лица од Тетово (31г и 70г) во болнички услови.

Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 158.164 бројот на оздравени пациенти е 150.556, на починати е 5.509, а на активни случаи изнесува 2.099. Најголем број активни случаи има во Скопје – 669, во Тетово 571, во Гостивар 234, во Куманово 152, во Кичево 84…

Владата викендов донесе одлука за нови рестриктивни мерки со цел да се спречи ширењето на новиот делта сој на коронавирусот и забрзано да не се полнат болниците низ земјава. Мерките треба да почнат да се применуваат од 15 август. На угостителските објекти им е оставен простор од осум дена да се реорганизираат, бидејќи сега е период на организирање свадби и веселби со доаѓањето на печалбарите во земјава.

Свадби и прослави по 15-ти август на затворено нема да има, согласно новите мерки. Во сите угостителски објекти, театри, на концерти и одредени културни настани, семинари… ќе може да присуствуваат граѓани, кои што имаат потврда за примена најмалку една доза вакцина.

Според министерот за здравство Венко Филипче овие мерки се предлагаат сосема навремено и оти се најавувале повеќе месеци наназад.