Законот е усвоен поради загриженоста за влијанието на дигиталните содржини врз менталното здравје на младите
Франција стана првата земја членка на Европската Унија која воведе целосна забрана за користење социјални мрежи за деца помлади од 15 години. Француските пратеници во вторникот го усвоија законот со кој се ограничува пристапот до овие платформи, во услови на сè поголема загриженост за последиците од прекумерната изложеност на дигитални содржини кај децата.
Законот беше изгласан во двата дома на францускиот парламент и е една од главните иницијативи поврзани со вториот претседателски мандат на Емануел Макрон. Со истото законско решение се воведува и забрана за користење мобилни телефони во средните училишта.
Мерката доаѓа по низа реакции од родители и организации за заштита на децата, како и по тужби поднесени од неколку француски семејства против „Тикток“. Тие тврдат дека штетните содржини на платформата придонеле за сериозни последици кај тинејџери, вклучително и случаи на самоповредување и нарушувања во исхраната.
„Од самиот почеток се залагавме за овој закон затоа што, искрено, немаме друга можност да им се спротивставиме на технолошките гиганти. Единственото што можеме да го направиме е да ги заштитиме нашите деца, исто како што ги штитиме од алкохол“, изјави Гаел Бербонд, жителка на регионот на Париз.
Таа раскажа дека нејзината ќерка го добила првиот паметен телефон во седмо одделение. Иако семејството користело апликација за родителска контрола, не биле свесни какво влијание може да има „Тикток“. По неколку месеци, девојчето почнало да се самоповредува и развило анорексија и депресија. Поминало година и пол на болничко лекување, а денес има 16 години и е во добра состојба.
Макрон сака мерката да почне да важи од септември
Францускиот претседател Емануел Макрон сака новото правило да стапи во сила со почетокот на новата учебна година во септември. Сепак, пред тоа законот треба да помине проверка за усогласеност со францускиот Устав, што може да ја одложи неговата примена.
Забраната нема да се однесува на онлајн енциклопедии, образовни платформи и научни бази на податоци.
Одлуката наиде и на критики од дел од опозицијата. Пратениците од левичарската партија „Непокорна Франција“ оценија дека законот може да биде спротивен на Уставот, дека ќе влијае врз анонимноста на интернет и дека неговото спроведување ќе биде тешко.
Инес Лежандр, правен советник во организацијата за заштита на децата на интернет e-Енфанс, предупреди дека усвојувањето на законот нема веднаш да значи целосна забрана.
„Ќе треба да се реши и прашањето со веќе постојните профили на деца помлади од 15 години. Како ќе ги идентификуваме? Како ќе ги суспендираме? Потоа следува и прашањето за проверката на возраста при отворање нови профили“, рече таа.
Сè повеќе држави воведуваат ограничувања
Според податоците на француската здравствена агенција, секој втор тинејџер во земјата поминува од два до пет часа дневно користејќи паметен телефон.
Во извештај објавен во декември се наведува дека околу 90 проценти од децата на возраст од 12 до 17 години секојдневно користат паметни телефони за пристап до интернет, а 58 проценти најчесто ги користат за социјални мрежи.
Надлежните предупредуваат дека користењето на овие платформи може да влијае врз самодовербата кај младите и да ја зголеми нивната изложеност на содржини поврзани со самоповредување, употреба на дрога и самоубиство.
Откако Европската комисија оцени дека претходната верзија на францускиот закон се преклопува со европскиот Закон за дигитални услуги (ДСА), француските пратеници направија дополнителни измени и усвоија нова верзија на текстот.
Ограничувањата за користење социјални мрежи за деца стануваат сè почеста практика низ светот. Австралија во 2024 година беше првата држава која им забрани на лица помлади од 16 години да имаат профили на социјалните мрежи. Платформите како „Тикток“, „Фејсбук“, „Снепчет“, „Редит“, „Икс“ и „Инстаграм“ можат да бидат казнети со до 50 милиони австралиски долари доколку не спречат отворање профили од лица под оваа возраст.
Во Европа, Шпанија најави дека сака да воведе ограничување за пристап до социјалните мрежи за лица помлади од 16 години, додека Данска и Грција веќе претставија слични планови. Велика Британија исто така соопшти дека ја разгледува оваа можност.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, претходно повика на воведување ограничувања за користењето социјални мрежи кај децата. Експертска група на ЕУ препорача пристапот до овие платформи да биде забранет за деца помлади од 13 години сè додека технолошките компании не докажат дека нивните услуги се безбедни.
Фон дер Лаен исто така оцени дека децата помлади од три години не треба да бидат изложени на екрани и посочи дека функциите како бескрајното скролање треба да бидат предмет на промени поради нивниот зависнички карактер.
Европската комисија во следниот период се очекува да предложи заеднички мерки кои би ги разгледувале сите 27 земји членки на Европската Унија.
