Градоначалникот Дејан Митески вечерва одржа координативен состанок на терен со надлежните служби на кој се потврди подготвеноста, механизацијата и организацијата на Општина Аеродром за справување со најавените снежни врнежи.
„Во текот на ноќта ќе има дежурни екипи на терен, подготвена механизација и потребни количини сол. Екипите ќе ја следат состојбата и ќе реагираат навремено, со приоритет на главните сообраќајници, критичните точки и пристапите до јавните објекти (здравство, безбедност, образование и др.)“, велат од општината.
Општина Аеродром апелира и до граѓаните да ги почитуваат своите законски обврски:
Да ги чистат тротоарите пред своите домови и деловни објекти;
Да ги отстрануваат мразот и снегот од пристапите до објектите;
Да ги прилагодат брзината и начинот на возење на зимските услови;
„Нашата цел е безбедно и непречено движење за сите. Општина Аеродром е подготвена. Заедно да придонесеме за безбедна зима“, велат од општината.
