Намалување на бројот на пратеници во Собранието од 120 на 90 предлага претседателот на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, Максим Димитриевски. Тој воедно порача дека државата треба да го продолжи европскиот пат, но без отстапки кога станува збор за македонскиот идентитет.
Осврнувајќи се на изборните реформи, Димитриевски истакна дека ЗНАМ се залага за намалување на бројот на пратеници во парламентот. Според него, ваквата промена би придонела за поефикасно функционирање на законодавниот дом, поголема одговорност на избраните претставници и рационализација на трошоците.
– Не постои рационална причина Македонија да има парламент со 120 пратеници кога и држави со слична големина имаат помал број. Намалувањето ќе значи појасна одговорност и поголема отчетност кон граѓаните – изјави Димитриевски.
Тој посочи дека со ваквата реформа функцијата пратеник треба повторно да добие поголема тежина во политичкиот систем, а парламентот да ја врати својата улога како централна институција на демократијата.
Говорејќи за односите со Бугарија, Димитриевски оцени дека одредени политики од Софија испраќаат, како што рече, загрижувачки сигнали и се спротивни на европските вредности и принципи.
Според него, прашањата поврзани со идентитетот и правата на Македонците не треба да останат само билатерално прашање, туку треба да бидат разгледувани и на европско ниво.
– Недозволиво е во 21 век да се оспоруваат идентитетски прашања и да се создаваат пречки за демократско организирање на луѓето кои се идентификуваат како Македонци – истакна Димитриевски.
Во однос на европската перспектива на земјата, тој нагласи дека Македонија останува посветена на европската интеграција, но без компромиси околу националниот идентитет и достоинството на државата.
– Македонскиот јазик, идентитет, писмо и култура се автентични и имаат свој историски континуитет. Ние сакаме да бидеме дел од Европа, но без да се откажеме од самите себе.
Димитриевски додаде дека паралелно со евроинтегративниот процес, државата треба да продолжи со зајакнување на институциите и со економски развој. Според него, европските вредности треба да се градат дома преку силни институции, економски напредок и почитување на националниот идентитет.
