Бесплатен паркинг и детско катче на Табакана

Кандидатот за градоначалник на Куманово од редовите на Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, најави нов уреден јавен простор за локалното население. Локацијата Табакана, кај булеварот „Октомвриска револуција“, нема да се гради, туку таму ќе никнат нов бесплатен паркинг и парк со детско катче.

„Иако во минатото некој предвидел во Деталниот урбанистички план да се гради зграда, јас како иден градоначалник нема да го дозволам тоа. Сите овие времени објекти ќе бидат дислоцирани, а новиот паркинг ќе биде бесплатен за сите кои живеат во околината, дополнително со детско катче и зелени површини,“ изјави Димитриевски.

Крај на бетонизацијата и повик за поддршка

Димитриевски нагласи дека е време да се стави крај на урбано-градежните групации, кои сакаат да бетонираат секој слободен простор во Куманово.

„Мораме да кажеме стоп на урбано-градежните групации кои сакаат да го урбанизираат секој простор со нови бетонски градби,“ рече тој.

Во видео порака, Димитриевски повика на масовна поддршка во вториот круг на изборите, што се одржува на 2 ноември.

„Куманово заслужува да продолжи да расте и да се развива. Време е да се средува централното градско подрачје, булеварот Октомвриска револуција, неговото пробивање, изградба на нов кружен тек и многу други содржини,“ порача кандидатот.