Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, на средбата беше изразена благодарност за континуираната и принципиелна поддршка на Европскиот парламент на политиката за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, при што вицепремиерот Димитров се осврна на Резолуцијата на ЕП за Северна Македонија што ги отсликува постигнатите реформи и демократските процеси на земјата и содржи позиција дека билатералните прашања не треба да го блокираат процесот на пристапување.
Димитров нагласи дека неодложно е потребно постигнување на консензус за преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ, заради доследно спроведување на одлуката за почеток на пристапни преговори.
– Ги цениме заложбите на Европскиот парламент и вашите лични заложби за што поскоро официјално стартување на пристапните преговори, процес кој мора да се одвива во европски дух, со почитување на европските вредности како основи на процесот. Успехот ќе значи дека и ЕУ ги реализира своите одлуки и ќе даде поттик за продолжување на реформите и јакнење на демократските институции, не само во Северна Македонија, туку во целиот регион. Потребно е да се упати порака до граѓаните дека европската перспектива на државите од регионот е јасна, предвидлива и остварлива и дека ЕУ е сериозна кога зборува за проширувањето, односно комплетирањето на Европа, истакна Димитров.
Тој изрази цврста заложба за натамошна посветеност на реформите кои се дел од ЕУ агендата, не само заради натамошен напредок во евроинтегративниот процес, туку пред сѐ заради подобрување на секојдневниот живот на македонските граѓани преку пренесување на европските стандарди дома.